- Став на Игор Ѓуровски
Со децении економската формула функционираше без некои посериозни потреси…
Тие продаваа нафта во американски долари, а потоа истите тие долари ги користеа за купување на американски обврзници, американско и европско оружје, за плаќање на американски и европски фирми кои градеа инфраструктура, трговски центри, хотели со пет, шест, седум ѕвездички, луксузни населби и вили… Поради географската положба, но и светските геостратегиски и воени случувања се наметнаа и како светски хабови за воздушниот сообраќај. Секоја година повеќе милиони туристи ги посетуваа овие дестинации и уживаа во вештачкиот и скапо платен, но крајно ефтин и невкусен гламур, што ниту оддалеку не изгледаше како арапска или заливска архитектура, уметност, култура…
Некои од нивните најмалку задрти лидери се обидуваа да изградат и индустриска инфраструктура и да станат нешто повеќе од бензиска пумпа или неколкудневна атракција, но тие обиди жално пропаднаа поради феудалната состојба на умот, робовското третирање на странските работници и нивниот страв да станат стварно космополитски дестинации во кои контролата над општествениот живот е помалку возможна.
Тие продаваа нафта, а увезуваа буквално се, а американскиот хегемон ги бранеше. Поради нафтата и природниот гас, тие ја достигнаа варијацијата на идеалот на некои тукашни политичари кои масовно ги купуваа гласачите со флоскулата ЕУ ќе не храни, а НАТО ќе не брани!
Со почетокот на израелско америчката агресија врз Иран гореспоменатата формула се сруши како кула од карти. Хегемонот одлучи да го заборави ветувањето за одбрана и дека безбедноста и благосостојбата на овие држави е од секундарно, а можеби и терцијарно значење. Без ни малку двоумење или проценка што тоа од економски, безбедносен и политички аспект би значело за нивните великодушни домаќини, вооружените сили на САД одлучија дека воените постројки изградени за одбрана на нафтените монархии треба да се употребат за воени операции врз Иран. Интегрираните воени системи за команда и контрола беа употребени за планирање и извршување на нападите, а радарите за рано откривање и предупредување беа употребени за лоцирање на иранските лансирни позиции. Со една реченица, одбраната во која беа вложени стотици милијарди долари, беше употребена за ненајавена агресија врз една соседна држава со која овие монархии имаа ако не одлични, барем коректни односи.
Сите овие настани, нафтените монархии ги направија легитимна цел на иранскиот возвратен одговор. Илјадници дронови и стотици балистички проектили од повеќе генерации за само дваесет и четири часа беа лансирани на повеќе од дваесет американски бази и аеродроми од кои повеќето или беа уништени или претрпеа сериозни оштетувања кои ги оставија неоперативни за употреба против иранскиот народ и суверенитетот на оваа држава. Стотици милијарди долари вредна инфраструктура и најмодерна опрема уништена во рок од 48 часа, со користење на дронови кои чинат помеѓу дваесет и педесет илјади долари и балистички проектили чија цена не преминува еден милион, но тоа можеби е тема за друга колумна.
Еден од посериозните потреси ги доживеаа Обединетите Арапски Емирати. Оваа заливска држава во последниве неколку години успеа дури 17 проценти од својот БДП да го заработи како хаб во авио сообраќајот, а голем успех постигна и во секторот недвижнини кој последниве неколку години се искачи на дури 24 проценти од нивниот ГДП.
Денес сето ова повеќе го нема, а ќе треба да поминат децении пред некој да се осмели да купи стан, вила или друга недвижност во оваа држава.
Сето ова потсеќа на онаа реченица на Хенри Кисинџер кој има изјавено дека “Да си непријател на САД е лошо, но да си пријател е катастрофално!”
