Обвинителството ќе проверува дали има кривична одговорност во ЦСР Скопје за случајот со Ивана и нејзината ќерка Катја

Јавното обвинителство на Република Македонија оформи предмет за да се испита постапувањето на социјалните работници во случајот со Ивана Јовановска и нејзината малолетна ќерка, кои ги загубија животите по пад од тераса по долг период на семејно насилство.

Од Обвинителството информираат дека предметот е отворен по допрен глас, врз основа на информации објавени во медиумите за констатирани неправилности при инспекциски надзор во Центарот за социјални работи Скопје. Предметот е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје, кое ќе спроведе проверки за да утврди дали со евентуалните пропусти во работењето се исполнети елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.