Нов правилник на РКЕ: За лиценца за трговија и снабдување со струја ќе се бара гаранција од 100.000 евра

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нов Правилник за лиценци, кој денеска стапува во сила и носи неколку измени во условите за компаниите што сакаат да вршат трговија и снабдување со електрична енергија.

Според новите правила, компаниите што ќе аплицираат за ваква лиценца ќе мора да обезбедат финансиска гаранција од најмалку 100.000 евра. Овој доказ може да биде средства на банкарска сметка или средства кои компанијата ги има во основниот капитал.

Од РКЕ информираат дека со новиот правилник е извршено усогласување со обврските од Законот за енергетика, а истовремено е намален бројот на административни документи потребни за аплицирање за лиценца, со цел да се поедностави постапката за компаниите.

Во правилникот се воведуваат и нови енергетски дејности, меѓу кои се складирање на гас, производство на биометан, производство на водород и производство на биогорива. Дополнително се регулираат и дејности поврзани со полнење и продажба на садови под притисок со течен нафтен гас, како и трговија со компримиран гас, течен гас и водород.

Од РКЕ посочуваат дека субјектите кои вршат енергетски дејности што не се утврдени во Законот за енергетика ќе можат да продолжат со работа без лиценца најмногу три месеци од донесувањето на правилникот, при што апелираат тие компании во овој рок да поднесат барање за добивање соодветна лиценца.

Воедно, од Регулаторната комисија најавуваат дека штом се создадат технички услови, целокупната постапка за добивање лиценци ќе биде дигитализирана, а аплицирањето и размената на документи ќе се вршат преку Националниот портал за електронска комуникација.