Дрон од 20.000 долари против ракета од 3 милиони: Иран ја пронајде слабата точка на Западот

Евтините ирански дронови „шахед“, особено моделот „шахед-136“, стануваат клучно оружје во конфликтите на Блискиот Исток, создавајќи сериозни предизвици за многу побогати армии. Нивната ниска цена и можноста за масовно производство му овозможуваат на Иран да врши напади кои ја оптоваруваат и ја тестираат противвоздушната одбрана на противниците, пишува Си-ен-би-си.

По израелско-американските напади врз ирански цели, повеќе земји од Персискиот Залив почнале да го слушаат карактеристичното зуење на таканаречените „камиказа дронови“. Овие беспилотни летала експлодираат при удар во целта и станаа важен дел од иранската стратегија за одмазда.

Според извештаите, Иран досега лансирал илјадници вакви дронови кон цели во регионот со цел да ги преоптовари противничките системи за противвоздушна одбрана. Иако голем дел од нив биле пресретнати, некои успеале да ја пробијат одбраната и да погодат инфраструктурни објекти.

Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека од почетокот на судирот се регистрирани повеќе од 900 ирански дронови, од кои десетици погодиле територија на земјата. Нападите предизвикале оштетувања на пристаништа, аеродроми, хотели и центри за податоци.

Дроновите „шахед“ носат експлозив што детонира при удар и може да предизвика сериозна штета. Еден од најсмртоносните напади врз американските сили досега бил извршен со ваков дрон кој погодил воена база во Кувајт, при што загинале шест американски војници. Во меѓувреме се појавија и непотврдени информации дека со дрон од истиот тип бил погоден и радар вреден повеќе од една милијарда долари во Катар.

Иако на прв поглед не изгледа импресивно во споредба со модерните ракети, „шахед-136“ се издвојува по својата ниска цена. Според воените аналитичари, еден ваков дрон чини меѓу 20.000 и 50.000 долари, бидејќи се произведува со комерцијално достапна електроника. Наспроти тоа, ракетите што се користат за нивно пресретнување можат да чинат милиони долари.

Поради оваа огромна разлика во трошоците, експертите често го нарекуваат „крстосувачка ракета за сиромашни“. Како што истакнуваат аналитичарите, понекогаш е десетици пати поскапо да се собори дрон отколку да се лансира.

Иран токму на таа економска логика ја темели својата стратегија. Наместо да користи скапи балистички ракети, Техеран лансира големи „роеви“ дронови кои ги преплавуваат противничките радари и системи за одбрана. Дури и кога поголемиот дел ќе бидат уништени, противникот троши многу поскапи пресретнувачи.

Според анализите, проектилите од американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ можат да чинат и повеќе од три милиони долари по ракета, а нивните залихи не се неограничени. Во ваква „војна на исцрпување“ Иран се обидува да ги натера противниците да трошат огромни ресурси за одбрана.

Дронот „шахед-136“ првпат пошироко беше претставен околу 2021 година, но глобално внимание привлече кога Русија почна масовно да го користи во војната во Украина. Оттогаш, според аналитичарите, леталото е дополнително унапредено со подобрена навигација, нови антени против попречување и посилни боеви глави.

Овој дрон може да носи меѓу 30 и 50 килограми експлозив, а најновите верзии имаат дострел до 2.000 километри, што им овозможува да погодат цели низ целиот Блиски Исток. Дополнителна предност е тоа што можат да се лансираат од камиони или едноставни платформи, што ги прави тешки за откривање пред нападот.

Масовната употреба на вакви евтини беспилотни летала отвора нов предизвик за САД и нивните сојузници – како долгорочно да се одбранат од напади кои се релативно евтини за изведување. Војските ширум светот веќе работат на нови решенија, како електронско попречување, ласерско оружје или дронови-пресретнувачи.

Сепак, експертите предупредуваат дека развојот на таквите технологии ќе бара време, а дотогаш евтините дронови како „шахед“ би можеле да останат едно од најопасните оружја во современите конфликти.