Американци заглавени на Блискиот Исток ја обвинуваат администрацијата на Трамп за недостаток на помош

Американски државјани кои се наоѓаат на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот ја обвинуваат администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека не обезбедила доволна помош или јасен план за евакуација, објави „Фајненшл тајмс“.

Според извештајот, иако американскиот Стејт департмент ги повикал граѓаните да го напуштат регионот, многу комерцијални летови биле откажани, што им оневозможува на голем број луѓе да заминат. Се проценува дека во зоната на конфликтот во моментов би можеле да се наоѓаат до еден милион американски државјани.

Еден од нив, жителот на Чикаго Аксел Рамос, кој со сопругата и пријатели е заглавен во Дубаи, изјавил дека ситуацијата станала исклучително стресна.

Во претходни извештаи исто така се наведува дека многу американски граѓани не биле однапред предупредени за можната потреба од евакуација, бидејќи мал број луѓе биле информирани за плановите на Пентагон за започнување на воената операција.