Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“: Се сослушуваат сведоци предложени од Обвинителството

Во Казнено-поправна установа Идризово денеска продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со сослушување сведоци предложени од Јавно обвинителство на Република Македонија.

На претходното рочиште сведочеа членови на музичката група ДНК и преживеани гости од дискотеката, кои ги опишаа настаните од ноќта на 16 март минатата година, кога во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Во својство на сведок исказ даде придружниот вокал Ана Костадиновска. Одговарајќи на прашања од обвинителството и одбраната, таа изјави дека не знае кој ги поставил и активирал пиротехничките прскалки во клубот. Костадиновска посочи дека никогаш не видела кој ги поставувал ваквите средства во клубовите каде настапувала со бендот и дека можно е тоа да го правело техничко лице од локалот.

Опишувајќи го моментот на избувнување на пожарот, таа рече дека кратко по почетокот на настапот почувствувала силна топлина, по што вокалот Панчо ДНК ги повикал присутните да ја напуштат дискотеката. Според неа, во првите моменти дел од присутните не ја сфатиле сериозно ситуацијата.

Сведочеше и музичарот Горан Тонев, кој настапувал како надворешен соработник со бендот. Тој изјави дека пиротехничките средства биле веќе поставени кога се качиле на бината, но дека не знае кој ги поставил ниту кој ги активирал. Тонев опиша дека огнот се проширил многу брзо, проследен со густ чад во просторот.

Според сведочењата на двајца преживеани гости, по активирањето на прскалките се запалил дел од таванот, по што настанала паника и стампедо кон излезите.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднините на жртвите и јавноста. Постапката се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.

Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од обвинителството.