Нов притвор од 48 часа за насилниот сопруг и татко од Карпош

Основното јавно обвинителство Скопје одреди нов краткотраен притвор од 48 часа за Стојанче Јовановски, осомничениот сопруг и татко од скопската општина Карпош, во случајот во кој неговата сопруга и шестгодишното дете го загубија животот по пад од балкон.

Од Обвинителството информираат дека е поднесен предлог за продолжување на мерката притвор, со цел да се завршат повеќе истражни дејствија кои се во тек. Во рамки на истрагата се постапува по наредби за вештачење на три мобилни телефони и други предмети поврзани со случајот. Паралелно се обезбедуваат и анализираат видео записи од повеќе критични локации, кои би можеле да помогнат во расветлување на настанот.

Надлежните институции работат и на обезбедување на целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство што се однесуваат на осомничениот и на починатата жена. Според информациите, се преземаат и други дејствија значајни за утврдување на фактите и докажување на кривичните дела кои се предмет на истрага.

Стојанче Јовановски во моментов е осомничен за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство, согласно одредбите од Кривичниот законик.