Кина испраќа специјален пратеник за посредување во конфликтот на Блискиот Исток

Кина ќе испрати специјален пратеник на Блискиот Исток со цел да посредува во сè поинтензивниот конфликт во регионот, потврди кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји по телефонските разговори со неговите колеги од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Според соопштението, во разговорот со саудискиот министер за надворешни работи, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, Ванг ја пофалил воздржаноста на Ријад и неговото инсистирање на мирно решавање на несогласувањата, нагласувајќи ја важноста од дипломатски пристап во актуелната криза.

Во одвоен разговор со шефот на дипломатијата на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан, кинескиот министер истакнал дека „црвената линија“ во секој конфликт мора да биде заштитата на цивилите и дека таа не смее да се премине.

Ванг потенцирал дека невоените цели не треба да бидат предмет на напади, вклучително и енергетската инфраструктура, и повикал на гарантирање на безбедноста на поморските патишта, кои се од клучно значење за глобалната економија.

Со најавата за испраќање специјален пратеник, Пекинг сигнализира засилена дипломатска ангажираност во Блискиот Исток во обид да придонесе кон намалување на тензиите и спречување понатамошна ескалација.