Професорката и поранешна кандидатка за претседател на државата, Билјана Ванковска, остро ја критикуваше изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дадена по завршувањето на седницата на Советот за безбедност. Според Ванковска, претседателката во обраќањето до јавноста настапила повеќе како портпарол на државниот врв отколку како државник.
Во својата реакција, Ванковска оцени дека јавноста била уверувана дека земјата е стабилна и безбедна во време кога, како што вели, светот се соочува со сериозна геополитичка и економска криза.
„Нѐ увери колку сме стабилни и безбедни – додека светот тоне во светска војна и економска криза без преседан. Ние ќе си живееме во меурот на ‘безбедноста’. Оваа жена досега не сум ја чула да зборува директно и без флоскули. Вчера воопшто и не ги дефинираше ‘состојбите во светот’. За неа не постои ни Иран, ни Газа, ни Либан“, напиша Ванковска.
Таа додава дека, според неа, претседателката не покажала ниту знаење ниту храброст да заземе став за, како што тврди, агресијата извршена од сојузниците, за цивилните жртви и за случувањата во Газа.
„Толку бедно се чувствувам што цел свет е на нозе и протестира против војната врз Иран и геноцидот во Газа. Ние сме помали од маково зрно. И безбедни – Don’t look up!“, наведува Ванковска.

