Мојсоска побара вонреден инспекциски надзор поради загадувањето на изворот за питка вода во Струга

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, информира дека поднела иницијативи до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и до Државниот инспекторат за животна средина за вршење вонредни инспекциски надзори во Струга, поради загадувањето на изворот за питка вода.

Според Мојсоска, Струга и околу 50.000 жители веќе трета недела се без вода за пиење. Таа бара инспекциски контроли над сите субјекти што поседуваат дозволи за експлоатација на територијата на општината, но и над оние што, како што наведува, работат незаконски и без важечки договори.

Во објавата, пратеничката упатува апел и до Министерство за внатрешни работи на Македонија и до Основно јавно обвинителство Струга да постапат и да утврдат дали во Струга има субјекти што работат без концесии и остваруваат профит на штета на јавниот интерес.

Мојсоска оценува дека безредието, институционалната пасивност и корупцијата придонеле градот, кој се нарекува „град на две води“, да остане без основниот ресурс – вода за пиење.

Таа предупредува дека надлежните институции не смеат да чекаат дополнителна еколошка штета за да преземат конкретни чекори, нагласувајќи дека цената од евентуалните незаконски активности ја плаќаат граѓаните на Струга.