Јашаровска: „Цените во Македонија се речиси како во најразвиените европски држави, а платите се пет пати пониски“

Ана Снежана Јашаровска, која живее во Шведска, преку објава на социјалните мрежи реагира на високите цени на основните прехранбени производи во Македонија, споредувајќи ги со оние во една од најразвиените европски држави.

Таа наведува конкретни примери: брокула во Македонија чини 265 денари, тиквици 319 денари, сирење 599 денари за килограм, а риба над 500 денари. Во исто време, посочува дека просечната плата во земјава изнесува околу 500 евра.

За споредба, во Шведска, според нејзината објава, брокула и тиквици се движат од 2 до 3 евра, сирењето од 7 до 10 евра за килограм, а рибата од 8 до 11 евра. Просечната плата таму, додава таа, изнесува меѓу 2.500 и 3.000 евра.

Во својата реакција таа оценува дека додека во Шведска граѓаните можат достоинствено да живеат од својата плата, во Македонија „луѓето едвај преживуваат и секој ден станува потежок“.

Јашаровска упатува и критика кон јавниот дискурс и приоритетите во земјата. Наместо фокус на намалување на цените, зголемување на платите и заштита на животниот стандард, како што наведува, вниманието се насочува кон „авиони, милиони, луксуз и имиџ“. Таа посочува и на, како што вели, недоволна поддршка за образованието и науката, во услови кога од професорите се бараат повисоки стандарди, а не се обезбедуваат соодветни средства.