Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, упати остри критики до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната седница за опозициски пратенички прашања во Собранието, обвинувајќи го дека води политика спротивна на интересите на работниците.
Во контрареплика до министерот, Мециновиќ оцени дека власта со изнесување на статистички податоци за раст на платите и куповната моќ се обидува да ја прикаже економската состојба поинаку од реалноста со која се соочуваат граѓаните.
„Не може еден разумен човек да стане сабајле, да испринта лист и да се обиде да ја прикаже вистината поинаку. Ни велите дека имаме поголеми плати и поголема куповна моќ, а во исто време нашите граѓани се иселуваат во странство“, рече Мециновиќ од собраниската говорница.
Тој го обвини министерот дека ги брани интересите на бизнис-заедницата, наместо на работниците, нарекувајќи го „портпарол на Стопанската комора“. Според него, прашањето за минималната плата не може да се третира како дневно-политичка тема, бидејќи директно влијае врз животниот стандард на граѓаните.
„За граѓаните платата е најважната тема – од неа зависи лекувањето, иднината на децата и сигурноста на семејствата“, истакна пратеникот.
Мециновиќ се осврна и на аргументот за продуктивноста, кој често се наведува во дебатите за зголемување на минималната плата, посочувајќи дека, според него, таквата логика оди во прилог на „крупниот капитал“, а не на работниците.
Следи го Антропол преку Google 
