Власта сака да ни ги одземе тракторите, нашиот труд, затоа што немаме светилка од илјада денари? Тоа е врв на лицемерието! Додека камионите на големите го уништуваат патот, тие удираат по грбот на работниот селанец. Сте се запрашале ли зошто тракторот е неосветлен? Зошто кило праски или грозје е поевтино од кило нафта? Пазарот го доведе земјоделецот до питачки стап. Кога профитот завршува во џебовите на прекупците, селанецот нема пари ниту за леб, а камоли за скапи технички прегледи и најсовремена сигнализација, напиша тој на својот Фејсбук профил.
Одземањето на возилото не е казна, тоа е експропријација на средствата за производство. Со овој закон, државата не го поправа патот, таа го уништува земјоделецот. Без трактор, селанецот е мртов. Тој е принуден да ја напушти нивата и да стане наемен работник, роб во фабриките на странските инвеститори. Тоа е вистинската цел на како што тие ја нарекуваат „кривична одговорност“, е да се скрши независниот производител, обвини Чакиевски.
Нека не ве лажат со нивните правни параграфи! Законот е само оков околу вратот на работникот! Наместо полициски патроли со налози за конфискација, по патиштата треба да кружат технички тимови кои бесплатно ќе инсталираат сигнализација на секоја приколка или плуг. Доколку државата навистина се грижеше за човечките животи, таа ќе воспоставеше бесплатни мобилни станици за техничка помош.
Додека не се обезбедат субвенции за техничка исправност, да се запре спроведувањето на овој анти-народен закон! Да се обезбеди државно преземање на трошоците за регистрација на основната земјоделска механизација, побара Чакиевски.

