На денешниот протест пред Владата, одржан во организација на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), беше испратена порака дека доколку до крајот на февруари не се прифатат барањата за зголемување на минималната плата, во март ќе следува генерален штрајк.
Од ССМ информираа дека ова е трет протест по ред, а најавија дека синдикалните активности ќе се интензивираат доколку институциите останат глуви на нивните барања. Според нив, помалата излезеност на денешната блокада се должи на тоа што најголем дел од работниците биле на своите работни места.
Поради тоа, следниот протест ќе се одржи во неработен ден, со цел да им се овозможи на што поголем број работници да го изразат своето незадоволство од висината на минималната плата во земјава.
Синдикатот бара зголемување на минималната плата, аргументирајќи го тоа со растот на трошоците за живот и зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка. Според пресметките на ССМ, доколку не се постигне договор за повисоко покачување, работниците кои примаат минимална плата во април би добиле зголемување од околу 1.500 до 1.700 денари.
Од ССМ потенцираат дека одлуката за генерален штрајк ќе зависи од одговорот на Владата во наредните недели.

