Деновиве е актуелна најавата за намалување на земјоделските субвенции од страна на десничарската влада, мерка која предизвика бран на незадоволство кај народот. Ова е последна од низата аграрни политики кои изминативе две години ги спроведува владата на ДПМНЕ, а кои се по книга – неолиберални мерки, со цел корпораризација на земјоделското производство на храна, односно, негово оттуѓување од рацете на селаните – земјоделци и концентрирање во рацете на крупните капиталисти – неофеудалците.
Ако порано, во поранешниот социјалистички систем, важела паролата “секоја педа земја да биде посеана”, денес, реакционерните влади гледаат да најдат начин како да го отргнат селанецот од својата земја, како да му го направат екстремно тешко производството на храна за да му биде неисплатливо и на крај да се откаже за да си купува храна од рафтовите на маркетите увезена од странство.
Производството на сопствена храна е основен предуслов за независност, бидејќи, кој ја контролира храната тој ги контролира луѓето.
Како што знаеме, на голем дел од народот земјоделството им е дополнителна дејност при што си имаат регистрирани семејни земјоделски стопанства. Истите поседуваат по неколку декари или хектари земја на кои цело семејство си работи и си произведува разни култури, кои потоа ги користи за сопствени потреби, а вишокот го продаваат на локалните пазари или на трговци. Со тоа тие ги намируваат сопствените потреби за храна, а со заработените пари го дополнуваат семејниот буџет. Тие парични средства донекаде им гарантираат некоја финансиска независност, па може да си дозволат школување на децата, изградба на куќа, купување на автомобил, итн., без да мора да се задолжат со кредити од банки.
Сега, со мерките на оваа влада, овие луѓе стануваат невидливи за системот, се отпишуваат од било каква државна помош за земјоделска дејност, додека, државата ќе ги помага само крупни земјоделци кои имаат стотици хектари земја и аргати кои им работат на нивите.
Аграрните политики на оваа влада ќе доведат до негативни социјални тенденции кај народот, односно, семејните земјоделски стопанства. Кај финансискиот аспект штетата ќе биде катастрофална, при што трговскиот дефицит забрзано ќе расте, кој во 2025 година постави нов рекорд од околу 600 милиони евра. Во иднина ќе трошиме позајмени евра од кредити за купување на храна од увоз која ќе не чини над 1,3 милијарди евра годишно.

