Мишкоски: Поплавите во Кичево – последица на децениска негрижа на властите

Кичево, градот со два речни слива и најповолна географска положба, поплавен поради непланското работење и дивеењето на урбаната мафија уште од раните 90ти.

Ако се земе во предвид географската поставеност на Кичево, може да се заклучи дека самиот град има извонредно добра положба за лесно поставање на атмосферска канализација, одводни канали но и фекална канализациона мрежа со која градот би бил спремен да нема никаков проблем со било каква вода од поројни дождови, снегови и природни неприлики.

Но благодарение на планското уништување на урбанистизмот на градското подрачје, а за сметка на богатење на поединци, а врз безбедноста на сите жители, градот се доведе во ситуација деновиве по втор пат да биде еден од најпогодените подрачја поради поројните дождови.

Кичево со години се гради погрешно. Освен атмосферската канализација која е достапна само на неколку главни поголеми улици, и три поголеми одводни канали, се друго е оставено на милост на временските прилики и неприлики. Дополнително, со цел поединци да добијат квадрат плус, голем дел од одливните канални мрежи кои постоеа низ градот уште од социјализмот, се приватизирани и затрупани.

А за се ова да го добие комплетниот производ и моменталната ситуација на градот допринесе и непланското изведување, комплицирањето и оптоварувањето на фекалната канализациска мрежа. Наместо истата да се подели по двата речни слива и соодветно да се распределат краците на канализационата мрежа според поставеноста на населените места и населби, мрежата е спроведена само во еден од речните сливови. Наместо да се направат две соодветни пречистителни станици на двата слива, Кичево доби една градска пречистителна станица и една во близина на селото Зајас кое буквално е непотребна. Дополнително, фекалната канализациска мрежа не е предвидена да може да ги поднесе сите новоизградени згради. Нејзината поставеност е врз основа на предвидениот раст на градот но и согласно со предвидената урбанизација на градот. Односно, град кој најчесто има предвидено градби за индивидуално стамбено домување до три спрата. Кичево благодарение на урбаната мафија доби голем број на новоизградени згради со што целата комунална мрежа е преоптеретена.
А за нештото да биде уште полошо, во истата таа комунална канализациона мрежа, во недостаток на атмосферска канализација и одводни канали, граѓаните се приморани и своите дождовници да ги приклучат на фекалната комунална мрежа.

Финалниот продукт на ова неурбанистичко градење, и преоптоварување на канализационата мрежа на градот е константни излевања на канализациската мрежа во голем дел од градот и неможност поројните дождови соодветно да се спроведат до речните сливови, со што градот има константен проблем со поплави на повеќе делови.

Ова не е проблем од последните години. Ова е проблем уште од осамостојувањето. Урбаното планирање во Кичево е повеќе мит одколку пракса според која градските власти мора да се водат. Овде секој гради каде ќе стигне, како ќе стигне и колку ќе стигне.

За ситуацијата да биде уште потрагична, поплавата на малото на улицата Прилепска не е случајно, и е добро познато за кичевчани.
Самата населба е точно покрај Тајмишка река. Река за која Кичевчани, уште од времето, добро знаат дека при поројни дождови знае драстично да го накачи водостојот и често да се излее во овој дел од градот. Низ времето тука никој не се осмелувал да гради, а не па да се градат стамбени објекти во кои би живееле луѓе.

Но кога политиката ќе замеша прсти нештата стануваат трагични, барем до сега ова се покажало како вистина. Имено, со цел да се придобијат гласовите на граѓаните кои живееле на овој дел од градот, воглавно роми, претходните гарнитури на власт, им дозволија без дозвола, без урбанизација и без грижа на совест, граѓаните да изградат објекит на овој терен и дел од веќе изградените да ги легализираат но и прошират. Без претходна припрема на теренот и обезбедување на овој дел од можни изливи на Тајмишка река, ова не смееше да се случи. Но ете, властите одлучиле дека тоа е најпаметното нешто во моментот, мислејќи само на своите фотељи а не на животите кои ги донеле во опасност.

Исто така и населбата Подварош во повеќе наврати го има истиот проблем. Таму најчесто станува збор за подземно продирања на водата од Тајмишка река и истата често знае да се најде во подрумите на жителите на овој дел од градот. Но деновиве оваа населба после долги години повторно се најде под директна поплава по напливот на Тајмишка река која драстично го накачи својот водостој и буквално ги преплави улиците и домовите во населбата. Ова е проблем кој одамна го имаат варошани но сега истиот во драстично поголем обем.

На се горенаведно, кога ќе се додаде и децениското непланско пустошење на шумите во околината на Кичево а со тоа и зголемувањето на дождовница која се слива од планините, може да заклучиме дека ова нема да биде последен пат градот да има проблем при поголеми дождови. Изградбата на автопатот Кичево – Охрид и буквално соголувањето на Крушино дополнително претставуваат голем проблем за водата. Дури и би додал дека дел од градските населби, Под Крушино и Иваниндол се и под закана од свлечишта ако во Кичево се случат посериозни дождови.

Ова што ни се случува денес е резултат на водењето на политика наместо водење на град за граѓаните. Наместо да се стави човекот на прво место, се ставаат лични интереси и политички кариери. Наместо да се фокусираме на урбанизација, се доведуваме да живееме во неурбанизиран град каде обичните дождови стануваат временски неприлики. Каде на секој поголем дожд треба да се молиме да не не снајде трагедија.

Дали после 35 години Кичево има сила да заврти нов лист? Дали после 35 години власта конечно ќе започне да си ја работи работата за која е платена?

Кичево не може да продолжи без сериозна ревизија на се што е изградено, на се што е сработено, на се што не е сработено, на се што е скриено, на секој криминал, на секоја дозвола, на секој тендер на се што до сега се работело или не работело од страна на градските власти. Потребни се итни реакции и ангажирање на сите капацитети на власта за да се решат најголемите проблеми за кичевчани кои може да резултираат и со загуба на човечки животи.

Редно време е да се фати работата од корен, по пропис. Редно време е Кичево да добие урбанизација. Редно време е Киечево да биде град.

Во спротивно, само господ нека ни е на помош. И да се надеваме дека нема да ни се случи природна катастрофа од размерот на таа во Босна.