Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, во Фејсбук објава се осврна на дебатата за зголемување на минималната плата, поставувајќи го прашањето „од каде пари“, со став дека средствата постојат, но не се распределуваат во корист на работниците.
Според него, клучниот проблем не е недостигот на финансии, туку распределбата на создадената вредност. Исмаил наведува дека додека во земјите од Европската Унија профитот на приватните компании учествува со околу 35–40 проценти во бруто-домашниот производ, во Македонија уделот на капиталот во националниот доход достигнува над 55–60 проценти. Ова, според него, укажува дека поголем дел од економската вредност завршува кај сопствениците на капитал, а не кај работниците преку плати.
Во објавата тој предлага пакет мерки за создавање фискален простор за повисоки примања, меѓу кои прогресивно оданочување на корпоративниот профит, укинување на даночни и фискални ослободувања за големите компании, како и воведување прогресивен данок на личен доход. Дел од предлозите опфаќаат и преиспитување на банкарските и монополските профити, данок на луксуз и имот, како и намалување на партиципации и други трошоци во јавните услуги со цел растоварување на семејниот буџет.
Дополнително, Исмаил посочува дека во јавниот дискурс ретко се проблематизираат високите буџетски издвојувања за одбрана, каматите за задолжувањата и геополитичките обврски, кои, според него, го намалуваат просторот за работнички политики.
Во заклучокот, пратеникот наведува дека средства за зголемување на минималната плата има, но дека тие, како што вели, се концентрирани кај профитот, наместо кај трудот.
