Советникот од Левица во Советот на Општина Струга, Климе Карамитре, побара итно утврдување на причините и одговорноста за, како што наведува, еколошката хаварија при која водата била загадена 30 пати над дозволените вредности.
Во објава на социјалните мрежи, Карамитре посочува дека жителите на селото Шум, каде што се наоѓа изворот од кој вода за пиење се снабдува цела општина, тврдат дека не паметат вакво сериозно загадување.
Тој наведува дека дополнително загрижува фактот што, според сведоштвата на жителите, и пред еден месец било забележано екстремно загадување на изворот кое траело еден ден, за што, како што тврди, немало официјална информација.
„Сомнежите се дека оваа невидена хаварија е предизвикана од каменоломот кој се наоѓа на околу три километри од изворот“, пишува Карамитре.
Тој бара од Инспекторатот за животна средина и од Основното јавно обвинителство Струга да утврдат дали хаваријата е резултат на неправилна и нестручна експлоатација, дали фирмата што стопанисува со каменоломот имала соодветни дозволи и дали бил извршен вонреден инспекциски надзор.
„Ова се прашања кои деновиве се актуелни низ Струга и институциите мора што побрзо да излезат со утврдени причини и лоцирање на одговорност – кој е одговорен за една од најголемите хаварии што им се случи на стружани?“, наведува Карамитре.
Од надлежните институции засега нема официјална информација за причините за загадувањето.

