„Љубански карневал“ и обред под маски „Сурети“ во Кучевиште

По повод големиот христијански празник – Прочка и годинава, на 22 февруари (недела), ќе се одржат традиционалните манифестации „Љубанскиот карневал“ и обредот под маски „Сурети“ во Кучевиште, кои со векови се пренесуваат од колено на колено.

Со единствена цел да се задржи традицијата жителите на селото Љубанци, Прочка ќе ја одбележат под маски.

И овој пат, организатор е Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал – Прочка“. Според Здружението, карневалот има вековна традиција, а потекнува од паганскиот период. Жителите на село Љубанци успеале да го одржат во различни облици, со многубројни обичаи, зачувувајќи ја притоа автентичноста. Оваа традиција е стара со векови, за почит е како историска реткост во овие краишта, има своја специфична содржина и се разликува од сите карневали што се одржуваат на територијата на нашата држава. Почетоците на овој карневал се уште во паганскиот период, а главна цел било протерувањето на лошите духови од овие простори. Овој карневал денес има поинаква содржина, но, секако, и ја задржува автентичноста од паганскиот период, со што на него можеме да го видиме целокупното историско минато на нашиот народ, а, исто така, и денешницата што ја живееме. Можат да се видат традиционалните маски, кои секоја година се подготвуваат: свадба со невеста, младоженец и сватови, потоа комити, како и луѓе облечени во кожа со прапорци. Самите жители си ги подготвуваат маските, а Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал Прочка“ помага за групните маски: свадбата, комитите и луѓето облечени во кожа. Карневалот завршува во училиштето „Гоце Делчев“, каде се избира најубавата маска.

Љубанци е оддалечено 18 километри северно од градот Скопје. Атарот кој зафаќа 24,1 км² и се издигнува преку планината Скопска Црна Гора се до Општина Липково. Низ селото протекува Љубанската Река која е притока од која настанува реката Серава. Соседни села се Љуботен на исток и Побожје на запад, со кои е поврзано со асфалтен пат. Во Љубанци работат три продавници и уште неколку дуќани со угостителско-услужна дејност, како и мелница-млин за жито ипроизводство на брашно.Во селото Љубанци постои познатиот Љубански манастир посветен на Свети Никола и црквата Св.Богородица.