Левица обвинува за кратење на субвенциите: „Со новата програма се удира врз земјоделците“

Левица обвини дека со усвојувањето на новата владина програма за унапредување и поддршка на аграрот, наместо развој, таа носи сериозно кратење на средствата за земјоделците.

Од партијата тврдат дека со новата програма субвенциите се намалуваат за 40 милиони евра – од 140 на 100 милиони евра – што, според нив, претставува директен удар врз домашното земјоделско производство.

Партијата ја обвини Владата и ВМРО-ДПМНЕ дека во изминатите две години донеле политики што, како што велат, го доведуваат земјоделството во тешка состојба. Според нив, средствата што се кратат од субвенциите нема да завршат кај производителите, туку ќе бидат пренаменети за други потреби.

Во соопштението се посочува и податокот дека во 2025 година е регистриран увоз на храна во вредност од над 1,1 милијарда евра, со трговски дефицит од околу 600 милиони евра. Од Левица оценуваат дека тоа е показател за слабеење на домашното производство и зголемена зависност од увоз.

Партијата апелира до земјоделците на, како што наведува, организирање и заштита на сопствените интереси, предупредувајќи дека без соодветна поддршка може да дојде до дополнително влошување на состојбата во аграрниот сектор.