ССМ со блокада пред Стопанската комора: Ако нема повисоки плати, ќе следат шатори и генерален штрајк

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ја блокираше улицата пред Стопанската комора, испраќајќи порака до работодавачите дека платите во земјава се „мизерни“ и далеку од минимумот потребен за достоинствен живот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на почетокот на протестот им посака „добро утро на сите освен на работодавачите“, повторувајќи ја пораката што претходно ја упати и кон пратениците пред Собранието.

Тој истакна дека работодавачите мора да разберат дека нивни партнери се работниците, но дека незадоволството може да прерасне во посериозен отпор.

Тој нагласи дека понудата за зголемување на платите за 6.000 денари останува отворена, заедно со предлогот Владата да ги покрие придонесите за тоа зголемување.

Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор, Иван Пешевски, повика на итен дијалог со работодавачите и побара минималната плата да изнесува 600 евра.

Од ССМ најавија дека протестните активности ќе продолжат, а во вторник е планирана блокада на приодите кон Владата.