Ристовска и Димитровска меѓу потписниците на ревизорскиот извештај за бонусите во СЈО

Актуелната членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, и поранешната претседателка на Комисијата, Татјана Димитровска, се меѓу тројцата ревизори кои во 2020 година го потпишале ревизорскиот извештај за работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), дознава Телма од повеќе извори.

Информацијата ја потврди и главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој изјави дека во периодот кога бил изработен извештајот, Ристовска била потпретседател на Државниот завод за ревизија, додека Димитровска работела како ревизор.

Во извештајот, ревизорите нотирале дека во СЈО биле исплатени надоместоци за тајност во вкупна вредност од 4,6 милиони евра, за кои било оценето дека се сомнителни. Ацевски посочи дека ревизијата била спроведена професионално и согласно методолошките акти, при што биле изготвени два конечни извештаи – еден јавно достапен и друг со класифициран степен на доверливост.

По изработката на извештајот, и Ристовска и Димитровска беа избрани за членови на ДКСК, при што Димитровска стана претседателка, а Ристовска член на Комисијата. Димитровска поднесе оставка откако беше обвинета за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, како и за наводи дека ревизор во нејзино име го полагал тестот за сертификат „Државна тајна“.

Во меѓувреме, Ристовска се соочува со два отворени предмета во ДКСК – за можен судир на интереси и за непријавување имот на нејзините деца. Една од фирмите на нејзините синови, според претходни објави на Телма, добила средства од политички партии за маркетинг услуги во изборни кампањи. Пред една година, Ристовска беше во фокусот и поради одлуката во ДКСК дека не гледа ништо спорно во дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, од универзитет каде таа била предавач.

Ревизорскиот извештај за СЈО подоцна беше искористен од ВМРО-ДПМНЕ како основ за поднесување кривични пријави против обвинители од СЈО. Сепак, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отфрли пријавата.

Темата за извештајот и за работата на поранешното СЈО повторно ги активираше партиските реакции. Од СДСМ обвинуваат дека зад актуелизирањето на прашањето стои обид за политичка пресметка и враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, додека од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ имало целосна контрола врз СЈО.

Во јавноста се огласи и поранешната обвинителка Лејла Кадриу, која изнесе обвинувања за случувања во СЈО и тврдеше дека неправедно била разрешена. На нејзините наводи реагираше обвинителот Гаврил Бубевски, најавувајќи дека пред суд ќе докаже дека тие се невистинити.

Извор: Телевизија Телма