Политичката партија Левица најостро реагира на случајот со објавувањето видео-снимка на која претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, е прикажан заедно со неговите малолетни деца, оценувајќи дека станува збор за координирана политичка операција и злоупотреба на државни ресурси.
Од партијата посочуваат дека настаните следуваат по јавната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најавил дека „ќе се виделе снимки“ од синдикалниот претседател. Набргу потоа, пратеничката Дафина Стојановска објави видео во кое се појавува Трендафилов со своето семејство. Според Левица, ваквиот хронолошки развој на настаните отвора сомнежи за организирана дискредитација и заплашување на синдикалниот лидер.
Левица тврди дека доколку за следењето биле користени посебни истражни мерки или ресурси на безбедносните служби, тоа би претставувало директна злоупотреба на државниот апарат. Во спротивно, доколку станува збор за дејствување по партиска линија со логистичка поддршка од власта, партијата оценува дека и тоа претставува сериозен проблем и можно кривично дело.
Посебна загриженост, според соопштението, предизвикува фактот што во објавената снимка се појавуваат малолетни деца. Од Левица велат дека тоа е недозволиво преминување на границите и обид за притисок врз синдикалното организирање.
Во реакцијата се упатуваат и критики кон пратеничката Стојановска, за која Левица наведува дека во 2025 година наплатила патни трошоци во износ што, според нив, надминува 11 минимални плати. Од партијата оценуваат дека е лицемерно таа да го критикува синдикалниот лидер кој бара повисоки плати за работниците.
Левица нагласува дека барањата на синдикатите, според нив, не се партиски мотивирани, туку произлегуваат од економската состојба во земјата, каде платите се меѓу најниските во регионот, а инфлацијата и зголемените трошоци за живот дополнително го оптоваруваат домашниот буџет.
„Прашањето не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали функционерите на ДПМНЕ би можеле да преживеат со 400 евра плата“, порачуваат од Левица.

