Блупринт групата: Владата го заобиколила законскиот механизам при избор на претставник за селекција на член на Судскиот совет

Владата номинирала претставник од граѓанскиот сектор кој ќе учествува во работната група за прелиминарна селекција на нов член на Судскиот совет, без да го вклучи Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Станува збор за постапката за избор на член на Судскиот совет од редот на истакнатите правници, на местото на Селим Адеми. Согласно новиот Закон за Судскиот совет, изборот на членовите што ги избира Собранието започнува со објавување јавен оглас, по што собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата формира работна група за прелиминарна селекција.

Законот предвидува еден член на оваа работна група да биде предложен од граѓанскиот сектор од областа на владеењето на правото и правосудството, преку Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како единствено надлежно тело за таа намена.

Од Блупринт групата посочуваат дека, иако дописот од Собранието бил уредно доставен до Владата, тој во рамки на внатрешната распределба не бил проследен до Советот за соработка, туку до Кабинетот на претседателот на Владата, од каде што била извршена номинацијата.

Од таму предупредуваат дека со ова се создава опасен преседан Владата дискреционо да одлучува кој ќе ги претставува граѓанските организации во процеси што треба да бидат транспарентни и инклузивни.

Новиот Закон за Судскиот совет беше донесен во декември, со цел да се унапреди транспарентноста и да се надминат претходните слабости во системот. Според Блупринт групата, актуелната постапка ја проблематизира усогласеноста со законските одредби и со Деловникот на Советот за соработка.

На местото на Адеми во декември беше избран Аљбан Кадриу, предлог на коалициониот партнер во Владата, кој претходно работел во тетовската полиција. Сепак, овој предлог беше повлечен, а новиот член од редот на истакнатите правници ќе се избира согласно новиот Закон за Судскиот совет, при што за првпат постапката ќе се спроведува со јавна селекција, по примерот на изборот на претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата.