Бислимоски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, поднесе оставка од функцијата. Од РКЕ за медиумите потврдија дека оставката утрово била доставена до Собранието.

Бислимоски првпат беше избран за претседател на Комисијата во 2018 година, а во 2023 година доби втор петгодишен мандат.

Неговата оставка доаѓа две недели откако Финансиската полиција поднесе кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство Скопје. Пријавата е поднесена на 29 јануари поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според соопштението од Финансиската полиција, Бислимоски како претседател на РКЕ, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, не отпочнал постапка за одземање на лиценца за вршење енергетска дејност на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје, иако за тоа постоеле законски услови. Наместо тоа, како што се наведува, било донесено решение за прекин на постапката.

Според наводите, лиценцата требало да биде одземена на 15 јануари 2024 година, но тоа се случило дури на 14 април 2025 година. Со тоа, според Финансиската полиција, на компанијата ѝ било овозможено да продолжи со вршење енергетска дејност уште 15 месеци и да учествува во постапки за јавни набавки.

По објавувањето на пријавата, Бислимоски изјави дека нема да дозволи неговото име да биде „извалкано“ и дека ќе ги достави сите потребни документи до надлежните институции.

Засега нема информации кој ќе ја извршува функцијата претседател на Регулаторната комисија до изборот на негов наследник.