Отворањето на два предмета против членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, ја отвори дилемата за непристрасноста на телото кое треба да одлучува за нејзина евентуална одговорност.
Иако ДКСК неодамна се пофали со унапредување на соработката со невладиниот сектор, од „Транспаренси“ посочуваат дека постои ризик од судир на интереси кога Комисијата постапува по предмети што се однесуваат на сопствен член. Според нив, Ристовска треба самата да процени дали од морални причини треба да поднесе оставка или да се повлече од функцијата додека трае постапката. Воедно, изразуваат сомнеж дека нејзините колеги ќе можат да одлучуваат целосно непристрасно.
Пред една недела, ДКСК отвори два предмета против Ристовска – едниот за непријавување имот, а другиот за можен судир на интереси. Ќе се испитува дали е спорно тоа што нејзините синови поседуваат фирми кои таа не ги навела во анкетниот лист, како и фактот што една од компаниите добила околу 70.000 евра за маркетинг услуги од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за претседателските избори во 2024 година.
Ристовска во изјава за Телма тврди дека работела професионално и дека секогаш се изземала кога тоа било потребно. Во однос на непријавувањето на фирмите, посочила дека нема законска обврска да ги пријави, бидејќи не живее со своите деца. Сепак, во анкетниот лист ги навела возилата кои се во сопственост на нејзините деца.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, за Телма изјави дека двата предмета ќе се најдат на дневен ред на Комисијата во најкраток можен рок, односно за околу десетина дена.
Во меѓувреме, Чучуљ ги отфрли обвинувањата на партијата Левица дека во институцијата постои петиција од вработени за наводно недолично однесување на Ристовска. Левица претходно тврдеше и дека лице блиско до Ристовска било ангажирано како архивар со цел да врши контрола на предметите. Партијата најави дека ќе поднесе интерпелација во Собранието доколку Ристовска сама не поднесе оставка.
Случајот отвора прашања за кредибилитетот и интегритетот на антикорупциската комисија, особено во ситуација кога таа треба да одлучува за одговорноста на сопствен член.

