Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид реагираше на посетата на владината делегација во Париз, оценувајќи дека станува збор за „манипулативен обид“ пред УНЕСКО, без реални чекори за заштита на Охридскиот Регион на терен.
Од Левица велат дека, и покрај најавите за грижа за светското природно и културно наследство, досега не е урната ниту една дивоградба, не е запрена ниту една спорна градба, ниту пак е направен вистински пресврт во управувањето со просторот. Според нив, патувањето во Париз претставува „дипломатска претстава финансирана од народниот буџет“, со цел да се создаде привид дека институциите преземаат мерки, додека во реалноста се штити интересот на капиталот и на бизнис-елитите.
Во соопштението се посочува дека објекти како хотелот „Горица“ се симбол на, како што наведуваат, долгогодишна узурпација и класен грабеж, додека институционалниот хаос во општината не е случаен, туку резултат на свесна политичка стратегија. Левица – Охрид реагира и на фактот што јавноста дознала за посетата дури откако таа веќе започнала, што, според нив, покажува отсуство на транспарентност и отчетност.
Партијата потсетува дека УНЕСКО во повеќе наврати бараше конкретни мерки, меѓу кои заштита на Студенчишкото Блато, стопирање на градежните активности и сериозна проценка на кумулативните влијанија од големите инфраструктурни проекти. Наместо тоа, според Левица, Владата останува на ниво на општи формулации за „заложби“ и „стратегии“, без конкретни резултати.
Како дополнителен аргумент, од Левица – Охрид го наведуваат барањето на 39 граѓански организации Охрид да добие статус на загрозено светско наследство, што, според нив, е показател дека граѓанското општество покажува поголема одговорност кон заедничкото добро отколку институциите.
Од партијата предупредуваат дека доколку продолжи практиката на ставање на приватниот профит пред јавниот интерес, деградацијата на Охрид ќе продолжи, а последиците ќе ги носат работниот народ и идните генерации. Тие порачуваат дека Охрид не смее да се третира како пазар или инвестиционен полигон, туку како заедничко природно и културно богатство кое мора да биде заштитено.

