Друштвото на писателите на Македонија на прес-конференција, што се одржа на 10 февруари во седиштето на Друштвото, ги објави добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2025 година.Претседателот на ДПМ Живко Грозданоски ја отвори прес-конференцијата навраќајќи се на текот на конкурсот, кој беше отворен од 1 до 23 декември 2025 година. Тој посочи дека Управниот одбор на ДПМ на својата седница на 25 декември со анонимно гласање ги избрал потенцијалните членови на жири-комисиите, по што следело нивно контактирање. Вкупно пет потенцијални првоизбрани членови на жири-комисиите не ја прифатиле дадената задача, поради што биле кооптирани следните првоизбрани членови. За споредба, лани биле кооптирани 12 членови.
По објавувањето на делата што влегле во полуфиналниот (27.1.2026 г.) и во финалниот (3.2.2026 г.) круг, членовите на петте жири-комисии се состанале и ги донеле одлуките за наградите.
Наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга ја добива романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Ламина“. Оваа одлука е донесена со мнозинство гласови во тричлената жири-комисија во состав: Соња Стојменска-Елзесер (претседателка), Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски (членови).
Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка оди кај книгата „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“). Оваа одлука едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Ристо Василевски и Милован Стефановски (членови).
Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја добива книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети („Или-или“). За оваа наградата едногласно одлучила жири-комисијата во состав: Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови).
Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика ја добива книжевно-критичкото дело „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“). Наградата едногласно ја додели жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска (членови).
Добитник на наградата „Мост“ на ДПМ, за најдобра книга напишана во 2025 на јазик што го зборуваат членови на заедниците во Македонија, е збирката песни „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани („Академска книга“). Одлуката едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Делвина Крлуку (претседателка), Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ Стојковска (членови).
Врачувањето на годишните награди на ДПМ за 2025 година ќе биде во петок, 13 февруари 2026, денот на кој Друштвото на писателите на Македонија ќе одбележи 79 години од основањето.

