Македонија со незначителен напредок според листата на „Транспаренси интернешнл“ за перцепција на корупција за 2025 година

Од 182 земји кај кои е измерен Индексот на перцепција на корупцијата, Транспаренси интернешнал ја рангира Македонија на 84 место.

Во извештајот за 2025 година објавен денеска, 10 февруари, таа доби 40 поени. Тоа значи дека земјата се смета за држава каде што корупцијата е значително присутна.

Ист број поени имаше и лани, но во споредба со претходната година кога беше на 88 место, годинава се помести 4 места погоре, што може да биде делумно и поради влошувањето кај други земји.

Нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро, изјави претседателот на Транспаренси интернешнал-Македонија, Благоја Пандовски.

Клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои како што посочуваат од оваа организација, не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем.

Според рангирањето Македонија е во друштво со Бугарија, Танзанија, Унгарија, Куба, Буркина Фасо и Гвајана. Од земјите во регионот подобро рангирани се Косово, кое се најде на 76 место и Црна Гора која со 46 поени е на 65 место. Полошо од нас се рангирани Босна и Херцеговина која го има 109 место и Србија која со 33 поени падна на 116 место.

Индексот на перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година покажува дека корупцијата останува сериозна закана во секој дел од светот, иако има ограничени знаци на напредок.

Источна Европа и Централна Азија остануваат едни од регионите со најниски резултати во светот, со широко распространета неказнивост за корупција, водена од лични интереси кои доминираат во повеќето влади и нивните институции.

Во најновиот извештај се наведува дека лидерите мора да дејствуваат за да се справат со злоупотребите на моќта и пошироките фактори што го поттикнуваат овој пад, како што се укинување на демократските контроли и рамнотежа и нападите врз независното граѓанско општество.

Индексот за перцепција на корупцијата рангира 182 земји и територии низ целиот свет според нивните перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор. Резултатите се дадени на скала од 0 (високо корумпирана) до 100 (многу чиста).

Додека 31 земја значително ги намалија своите нивоа на корупција од 2012 година, останатите не успеваат да се справат со проблемот – тие стагнираат или се влошија во истиот период. Глобалниот просек падна на ново најниско ниво од 42, додека повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50.

Инаку овој годишен индекс покажува дека бројот на земји со резултат над 80 се намалил од 12 пред една деценија на само пет оваа година.

Индексот за перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година ги мери перцепираните нивоа на корупција во јавниот сектор во 182 земји и територии, потпирајќи се на 13 независни извори на податоци и користејќи скала од 0 (високо корумпирана) до 100 (многу чиста).

Оваа година, глобалниот просек на Индексот за перцепција на корупцијата се намали за прв пат по повеќе од една деценија на само 42 од 100.

Неуспех на лидерите да се справат со корупцијата

Според резултатите, огромното мнозинство земји не успеваат да ја држат корупцијата под контрола: 122 од 182 имаат резултат под 50 во индексот. Во исто време, бројот на земји со резултат над 80 се намалил од 12 пред една деценија на само пет оваа година.

Особено, постои загрижувачки тренд кај демократиите кои бележат влошување на перцепираната корупција – од Соединетите Држави (64), Канада (75) и Нов Зеланд (81), до различни делови од Европа, како што се Обединетото Кралство (70), Франција (66) и Шведска (80).

Она што предизвикува загриженост е долгорочниот неуспех на лидерството за справување со корупцијата, се вели во извештајот. Дури и воспоставените демократии, како САД, Велика Британија и Нов Зеланд, доживуваат пад на перформансите.

Извор: Независен