(Видео) Левица поднесе резолуција против енормното загадување од УСЈЕ во Советот на Општина Аеродром

Советниците од Левица во Општина Аеродром поднесоа резолуција со предлог-заклучоци за, како што велат, итно справување со енормното и долготрајно загадување на воздухот предизвикано од цементарницата „Титан Усје“, кое најсилно ги погодува жителите на оваа општина.

Од Левица информираат дека резолуцијата е насочена кон преземање конкретни мерки за заштита на јавното здравје и животната средина, додека паралелно советниците на партијата во Општина Кисела Вода поднеле иницијатива за транспарентно и континуирано информирање на граѓаните за квалитетот на воздухот.

Со документот доставен до Советот на Општина Аеродром, Левица бара мерната станица во Усје да започне со непрекинато 24-часовно мерење на загадувањето и јавно прикажување на податоците во реално време, интегрирани во сите јавни апликации за квалитет на воздухот. Дополнително, се предлага цементарницата да инсталира автоматски систем за континуирано следење на емисиите, директно поврзан со Министерството за животна средина, со автоматско алармирање при надминување на дозволените гранични вредности.

Во резолуцијата се предвидува и ревидирање на мерките за прогласување вонредна еколошка состојба, со можност за автоматски и привремен прекин на работата на цементарницата при сериозни надминувања на загадувањето. Меѓу барањата се и усогласување и заострување на граничните вредности за ПМ10, ПМ2,5, азот диоксид (NO₂) и други загадувачи, забрана за користење високо загадувачки горива, како и целосна забрана за увоз на отпад.

Левица бара и кадровско пополнување и акредитација на Централната лабораторија за животна средина, како и да не се обнови А-интегрираната еколошка дозвола за „Титан Усје“ сѐ додека не бидат исполнети бараните услови. Воедно, се повикува Јавното обвинителство да постапи по кривичната пријава за загадување поднесена против цементарницата.

Од партијата посочуваат дека овие предлози се дел од поддршката за граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со која се бара системско и институционално решавање на проблемот со загадувањето во Скопје.