Трендафилов: Намалувањето на функционерските плати кое го предлагаме е уставно и е по познатата математички прецизна формула X-Y=Z

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на својот Фејсбук профил реагираше на изјавите од Владата дека иницијативата за намалување на функционерските плати е неуставна и политички мотивирана, посочувајќи дека, како што вели, функционерите повеќе се грижат за сопствените примања отколку за платите на работниците.

Во објава на социјалните мрежи, Трендафилов нагласува дека предлогот на ССМ е целосно уставен и законски издржан и предвидува враќање на функционерските плати на нивото пред зголемувањето од 78 проценти. Според него, тоа би се постигнало со промена на основицата за пресметка од просечна на минимална плата, како и со намалување на коефициентите за сложеност, што би значело вкупно намалување на функционерските плати за околу 80 проценти.

Покрај намалувањето на функционерските плати, ССМ бара и итно зголемување на минималната плата на 600 евра, како и раст на останатите плати за најмалку 6.000 денари, односно за разликата што ќе произлезе од зголемувањето на минималецот.

Трендафилов ја доведува во прашање логиката на Владата, која, според него, тврди дека е уставно коефициентите да се намалат за 9,2 проценти со цел платите на функционерите да не растат, но дека е неуставно тие да се намалат за 40 проценти за платите реално да се намалат.

Тој потсетува дека Уставниот суд во минатото укинал владина уредба за замрзнување на коефициентите, што довело до енормен раст на функционерските плати, но укажува дека и покрај тоа, Владата повторно интервенирала со уредби. Според Трендафилов, доколку Уставниот суд повторно одлучи како и претходно, функционерите ќе добијат ново зголемување на платите од 12,6 проценти за 2025 година, и тоа ретроактивно.