Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, во гостување во емисијата „Анализа 24“ на ТВ24 ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека зад протестите и барањата на Сојузот на синдикати на Македонија стојат какви било позадински игри од страна на Левица. Тој додаде дека Левица дава политичка поддршка на барањата на синдикатите за зголемување на платите на работниците.
Крмов нагласи дека станува збор за легитимни синдикални барања, кои, како што рече, секоја здраворазумна влада би требало да ги прифати и реализира. Според него, тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се обид за дискредитација на работничката борба и за релативизирање на реалните социјални проблеми со кои се соочуваат работниците.
Во емисијата тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има долгогодишна пракса на спротивставување на синдикалното организирање, оценувајќи ја партијата како „штрајкбрекерска“ уште од времето на Груевски. Крмов истакна дека актуелната власт, со поддршката што им ја дава на работодавците, директно зазема страна против правата на работниците и нивните легитимни барања за зголемување н платите.
„Наместо да застане зад работниците и нивните оправдани барања за зголемување на платите, власта се позиционира против синдикатите, а на страната на газдите и со тоа покажува јасен однос кон нивниот труд и социјалната положба“, порача Крмов во „Анализа 24“.

