Незадоволни од начинот на санкционирање на лицата кои возат без возачки – протести и блокади во повеќе градови низ државата

Граѓани во повеќе градови низ Македонија вчера излегоа на протести изразувајќи незадоволство од измените на Законот за безбедност во сообраќајот, особено од новите одредби поврзани со возачките дозволи и мерките за одземање на возила.

Во попладневните часови, околу 16:30 часот, приближно 300 лица го блокираа патот А-3 на делницата Битола–Ресен, кај локацијата позната како Ромска населба. Сообраќајот беше целосно прекинат во двата правци, откако демонстрантите поставија и запалија гуми на коловозот. Причина за протестот, според учесниците, било одземањето на три возила од страна на полицијата во согласност со новите законски одредби.

Протестни активности беа регистрирани и во Кочани, во населбата Трајаново Трло, каде граѓаните го изразија својот револт против законските измени со кои се предвидува одземање на возила управувани без возачка дозвола. На улицата „Цветан Димов“ беа запалени гуми, но по кратка интервенција на полицијата и пожарникарската служба, огнот беше изгаснат, а собирот прекинат.

Нарушување на јавниот ред и мир имаше и во Штип, каде демонстрантите запалија гуми на улица, по што повторно интервенираа надлежните служби со цел стабилизирање на состојбата и нормализирање на сообраќајот.

Во вечерните часови, блокада беше организирана и на транзитниот пат во Струмица, во близина на Ромското маало. Група граѓани го запреа сообраќајот и преку видеа на социјалните мрежи јавно го изразија својот револт поради казните кои Министерството за внатрешни работи започна да ги издава во рамки на системот „Безбеден град“. Во овој дел од градот беа забележани чад и оган, што дополнително ја вознемири локалната јавност.

Надлежните институции засега не соопштуваат дали ќе има измени во примената на новите законски решенија, додека граѓаните најавуваат дека протестите може да продолжат доколку нивните барања не бидат разгледани.