Камбовски: Тоа што брат на в.д. претседателката на Кривичен суд е осомничен во предмет за „Пулс“ не е пречка таа да ја извршува функцијата

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски смета дека нема пречка судијката Даниела Димовска да ја извршува функцијата в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје и покрај тоа што нејзиниот брат е еден од осомничените во истрага поврзана со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кое на 16 март лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Претседателот на Судскиот совет во „Тема на денот“ во централниот Дневник на ТВ Сител беше прашан и за реакциите на дел од невладините организации кои го повикаа Советот да отвори предмет и да дискутира за можниот конфликт на интереси и можното влијание на Димовска врз порцесот во кој е осомничен нејзиниот брат.

Камбовски, одговарајќи на прашањето, потврди дека таков допис пристигнал во Судскиот совет, но досега него разгледале заедно со другите негови колеги, поради што, како што кажа, во моментов може да го каже само неговиот личен став.

Аргументирајќи го својот став, тој додаде дека во Кривичниот суд во Скопје има голем број вработени и ако се оди по таа логика, тогаш ќе излезе дека никој од судиите таму не може да суди, поради што ќе треба да биде изземен целиот суд од постапување.

На забелешка на новинарката дека од постапките за предметите поврзани со пожарот во „Пулс“ се изземени судовите во Кочани и во Штип, Камбовски рече дека Кочани е помало место, каде речиси секој е засегнат од последиците од пожарот.

Одговарајќи на дополнително прашање во истиот контекст, Камбовски кажа дека за разлика од Обвинителството, каде што постои хиерархија и субординација, судиите се целосно независни, односно претседател на суд не може да влијае на судија.

Форумот за разумни политики (ФРП) минатата недела во својот прв анализран случај во рамките на Индексот за политички интегритет (ИПИ) и даде негативна оценка во категоријата етичка култура, на в.д. претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска бидејќи во една од истрагите што ги отвори Обвинителството во врска со трагичниот пожар е осомничен нејзиниот брат.

Од Форумот за разумни политки потсетија на сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија која во септември лани објави текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

На 20 ноември лани Основното јавно обвинителство Кочани отвори истрага против 11 лица, меѓу кои и даночни инспектори во штипската дирекција на Управата за јавни приходи кои се осомничени дека примале мито од сопствениците на т.н. кабаре за да им дојавуваат кога ќе има инспекциски контроли.

Дополнителен сомнеж за незаконско и неетичко влијание, како што посочија оттаму, фрла и фактот што барањето за ефективен притвор е одбиено и на Драган Паунов му е определен домашен притвор, кој потоа е исто така укинат и во моментов му се определени мерки на претпазливост и можност да се брани од слобода.

Одбраната на Паунов и в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, негираа можно нивно влијание врз одлуката на судот

Во препораката до Судскиот совет, кој ја избра Димовска за в.д. претседателка на скопскиот Кривичен суд, се наведува дека тој може да отвори предмет и да дискутира за можниот конфликт на интереси и можно влијание врз процесот во кој е осомничен нејзиниот брат. Судскиот совет, се додава, има директна надлежност да донесе и одлука за нејзино повлекување/разрешување, на истиот начин како што го извршил и нејзиниот избор.

Може да ве интересира