Делегација на Левица положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот Гоце Делчев

По повод 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер и национален херој Гоце Делчев, делегација на партијата Левица денеска положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во Скопје.

Делегацијата беше предводена од пратениците Јована Мојсоска и Саше Јанчев, кои со чинот на оддавање почит го истакнаа значењето на Делчев како симбол на македонската слобода и борбата за национална самостојност.

Од Левица посочуваат дека делото на Гоце Делчев претставува темел на македонската државотворност и национална свест, нагласувајќи дека тој бескомпромисно се борел против османлиската тиранија, великобугарскиот врховизам и сите странски обиди за инструментализација на македонското револуционерно движење.

Според партијата, Делчев останува инспирација за сите кои се залагаат за самостојна, независна и праведна Македонија, а неговите идеали и денес се водилка во борбата за суверенитет и социјална правда.