Рускиот град Волгоград привремено го носи името Сталинград по повод одбележувањето на 83-годишнината од поразот на нацистичките трупи во Битката кај Сталинград за време на Втората светска војна, јавуваат денеска руските медиуми.
Според агенцијата ТАСС, сообраќајните табли на главните влезови во градот, на кои досега стоеше натписот „Волгоград“, се заменети со табли со името „Сталинград“, како дел од комеморативните активности поврзани со овој значаен историски датум.
Од градската администрација соопштија дека промената е привремена и дека таблите ќе бидат вратени во нивната првобитна форма ден по завршувањето на одбележувањето на годишнината од победата во Битката кај Сталинград.
Битката кај Сталинград, една од најголемите и најкрвавите битки во историјата на Втората светска војна според обемот, времетраењето и бројот на учесници, се водела од 17 јули 1942 до 2 февруари 1943 година. Таа претставува пресвртница во војната и значително го смени текот на глобалниот конфликт.
Историчарите оценуваат дека победата на Црвената армија над нацистичките сили во Сталинград го означила почетокот на крајот за Хитлерова Германија и ја најавила конечната победа на сојузничките сили во Европа.

