(Видео) Мојсоска за измените на КЗ: Поблаги казни за функционерите – построги за обичните граѓани

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро реагираше на денес усвоените измени на Кривичниот законик, оценувајќи дека тие во делот на злоупотреба на службената положба значително ги олеснуваат казните на функционерите и дополнително ја продлабочуваат неказнивоста во државата.

Според Мојсоска, единствената позитивна промена е тоа што конечно кривичното гонење за семејно насилство ќе се води по службена должност, без предлог од жртвата, решение кое, како што потсети, Левица го предложила уште пред една година, но тогаш не било прифатено поради, како што рече, партиска суета.

Таа предупреди дека со овие измени се скратува и рокот на застарување на делата, така што криминалот на функционерите ќе застарува за 16 години, наместо за 40 години како што било претходно.

Од Левица најавуваат дека ќе продолжат со притисокот за итно преиспитување на овие измени и враќање на построги казнени одредби за кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба и корупција.