Левица: Мицкоски со џемпери од 2.000 евра ги прогласува барањата за повисока минимална плата за „нелегитимни“

Партијата Левица остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ги како цинични, арогантни и целосно одвоени од реалноста во која живее најголемиот дел од граѓаните. Од партијата велат дека со ваквиот настап, Мицкоски ги дискредитира легитимните синдикални барања за зголемување на минималната плата, прикажувајќи ги како „политичка агенда“, додека ја релативизира сиромаштијата со која се соочуваат стотици илјади семејства.

Партијата посочува на, како што велат, немилосрдните факти: Македонија има најниска минимална плата во регионот, дури 73 проценти од вработените земаат плата под просечната, а секој трет работник преживува со помалку од 30.000 денари месечно. Во исто време, минималните трошоци на едно четиричлено семејство веќе надминуваат 66.000 денари и континуирано растат, додека инфлацијата дополнително ја намалува куповната моќ.

Наместо активна политика за заштита на трудот, според Левица, Владата предводена од ДПМНЕ избира да ги стигматизира синдикатите и да ја криминализира нивната улога, со што директно удира врз уставно загарантираното право на здружување и колективна борба.

Во соопштението се укажува и на масовната работна емиграција, при што над 50.000 граѓани работат во странство, додека власта најавува увоз на евтина работна сила, наместо создавање услови за достоинствени плати и задржување на домашната работна сила.

Партијата оценува дека позицијата на ДПМНЕ е јасно класно обележана и дека приоритет им се интересите на крупниот капитал и луксузот, а не трудот. Според Левица, барањето за зголемување на минималната плата не е политичка агенда, туку елементарно прашање на човечко достоинство и социјална правда.