Советничката на Левица во Советот на Град Скопје, Дарја Мустафаоглу упати сериозни критики кон градските власти и годишната програма за животна средина, оценувајќи дека институциите покажуваат крајно несериозен и неодговорен однос кон проблемот со аерозагадувањето.
Мустафаоглу истакна дека првото големо разочарување е начинот на кој била доставена програмата – само два до три дена пред седницата, што, според неа, јасно покажува дека животната средина не е вистински приоритет за градската администрација.
„Толку сериозно ја сфаќаме животната средина, што програмата ја добивме неколку дена пред седница, без простор за суштинска анализа, расправа и подобрување“, рече таа.
Како дополнителен проблем, таа го посочи и отсуството на градоначалникот од седницата, нагласувајќи дека токму тој треба да ја брани програмата и да даде аргументиран одговор на предложените амандмани.
Во своето излагање, Мустафаоглу остро ја критикуваше и работата на Комисијата за животна средина, која, како што рече, за речиси сите прашања се прогласила за ненадлежна. „Комисијата не можеше да одговори на ниту едно конкретно прашање. Кога побаравме да бидат повикани претставници од релевантните институции, повторно добивме одговор дека Комисијата не е надлежна“, изјави таа.
Советничката потенцираше дека во периодите на екстремно загадување, кога Скопје рушеше светски рекорди по лош квалитет на воздухот, Комисијата воопшто не била свикана, повторно со образложение за ненадлежност.
„Навистина ме интересира за што тогаш сме надлежни? Од кабинетот на градоначалникот ни беше порачано дека советниците не треба многу да се слушаат, туку дека сме тука за да ја реализираме програмата на градоначалникот“, истакна Мустафаоглу.
Таа го критикуваше и начинот на кој градоначалникот комуницирал со јавноста во екот на загадувањето, посочувајќи дека по повеќедневниот молк, реагирал со кратка објава на социјалните мрежи, во која навел дека „нема толеранција кон загадувачите“, без да прецизира кои субјекти биле санкционирани.
Мустафаоглу нагласи дека меѓу наводно казнетите загадувачи не е цементарницата УСЈЕ, која, како што рече, не била ниту опомената, ниту од Град Скопје, ниту од централните институции.
„Дали навистина некој мисли дека граѓаните се наивни? Скопјани многу добро знаат да препознаат од каде доаѓа загадувањето – по мирис, по вкус на воздухот и по здравствените последици“, рече таа.
Според Мустафаоглу, со години вината системски се префрла врз домаќинствата, додека индустриските загадувачи остануваат недопрени. Таа нагласи дека доколку навистина домаќинствата биле главниот извор, досега ќе биле преземени таргетирани мерки за директна помош на најкритичните семејства.
„Наместо постојано да ги обвинуваме граѓаните, требаше да им обезбедиме конкретни решенија, а не само декларативни субвенции“, додаде таа.
На крајот, Мустафаоглу потенцираше дека во годишната програма на Град Скопје нема ниту една сериозна мерка насочена кон намалување на загадувањето од индустријата.
„Во програмата нема апсолутно ништо предвидено против индустриското загадување, што јасно покажува кому му се прогледува низ прсти, а кому постојано му се префрла вината“, заклучи таа.

