Професорката Јована Стефановска преку објава на социјалните мрежи жестоко ги критикува досегашните македонски влади за, како што наведува, целосен недостиг од визија во меѓународната политика и економијата, предупредувајќи дека земјата денес ја плаќа цената на долгогодишната сервилност кон Западот и на коруптивното владеење.
Таа посочува дека во последниот период сме сведоци на „огромни тектонски промени во меѓународната политика и економијата“, при што бројни земји, вклучително и членки на Европската Унија, активно се свртуваат кон нови пазари и партнери, како Јужна Америка, Индија и Кина. Во тој контекст, Стефановска нагласува дека ваквите трендови одамна биле најавувани од Левица, која, според неа, визионерски укажувала на потребата од диверзификација на надворешната политика и економската соработка на Македонија.
„Со години ги следам ставовите на Левица и можам да кажам дека многу визионерски беа најавувани овие промени. Тие укажуваа дека Македонија треба да ја напушти сервилноста кон ЕУ и САД и да отвори соработка со други пазари – нешто што денес го прават многу земји“, наведува професорката.
Според Стефановска, причината зошто овие укажувања не добиле простор во креирањето на државните политики лежи во, како што вели, криминалниот и клиентелистички карактер на досегашните владејачки елити.
„Сите влади досега беа ориентирани исклучиво кон лично богатење и криминал, неспособни за визионерски постапки“, пишува таа, додавајќи дека резултат на таквото владеење е енормната задолженост на државата и постојаното земање кредити за рефинансирање на старите долгови, без реални инвестиции во капитални проекти што би можеле да создадат нова вредност.
Во својата објава, Стефановска остро го критикува и општествениот амбиент, оценувајќи дека граѓаните се или изманипулирани, или заробени во клиентелистички односи, што доведува до отсуство на масовен отпор и протести против, како што вели, „огромните општествени девијации“.
„Тоа е нашето милје – народ кој не излезе масовно да протестира ниту за една сериозна општествена неправда, иако живееме во време на целосна информираност. Во Македонија не остана ‘штоф за костум’“, заклучува Стефановска.
Следи го Антропол преку Google 
