Политичката партија Левица обвини дека повеќе од еден месец Антикорупциската комисија (ДКСК) молчи за пријавата со докази што партијата ја доставила во врска со, како што наведуваат, сомнителни тендерски шеми поврзани со директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, и компанијата „Сити Аутсорсинг“.
Според Левица, до ДКСК биле доставени конкретни докази, вклучително и фотографии, кои укажуваат на поврзаност меѓу Томовски и управителот на „Сити Аутсорсинг“, фирма која, како што тврдат, преку јавни набавки инкасирала околу пет милиони евра државни средства.
И покрај сериозноста на наводите, од Антикорупциската комисија досега нема никаква официјална информација за тоа дали е отворен предмет, во која фаза е постапката и дали се преземени конкретни чекори за утврдување на евентуална одговорност.
„Фактот што повеќе од еден месец нема никаква реакција, ниту пак објаснување до каде е предметот, остава простор за сомнеж дека случајот намерно се држи во фиока или се заташкува“, наведуваат од Левица.
Партијата посочува дека ваквиот молк на ДКСК дополнително ја зајакнува перцепцијата во јавноста дека Комисијата, наместо да биде коректив на власта, функционира како нејзин заштитник, особено кога станува збор за лица блиски до врвот на владејачката партија.
Левица го поврзува овој случај и со, како што велат, најновите сознанија за постоење на внатрешни мрежи и „филтри“ во рамки на Антикорупциската комисија, што, според нив, отвора сомнеж за системска заштита на одредени функционери.
„Кога станува збор за функционери блиски до премиерот и раководството на ДПМНЕ, предметите или паушално се затвораат, или се влечат со месеци, сè додека јавноста не се замори и темата не падне во заборав“, стои во соопштението.
Од Левица најавуваат дека ќе продолжат јавно да инсистираат на одговори и бараат од ДКСК итно да соопшти што е преземено по доставените докази, до каде е постапката за „Сити Аутсорсинг“ и Ивица Томовски, како и зошто, како што наведуваат, владее молк кога станува збор за милионски тендери и лица блиски до власта.
Следи го Антропол преку Google 
