Пратеничката група на Левица најави дека на утрешната пленарна седница ќе гласа против предлогот за состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, обвинувајќи ги ДПМНЕ и коалицијата ВРЕДИ за, како што велат, брутална партизација на оваа независна институција.
Од партијата посочуваат дека кандидатката Џихан Ахмед, предложена од ВРЕДИ и поддржана од ДПМНЕ, не ги исполнува законските услови за избор, бидејќи нема минимум седум години релевантно работно искуство во областа на човековите права, ниту соодветно професионално портфолио. Дополнително, според Левица, на јавната расправа таа покажала сериозно непознавање на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи, меѓу кои и Истанбулската конвенција.
„И покрај сите овие факти, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист во тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи неговите одлуки директно го засегаат статусот на најранливите категории граѓани“, наведуваат од Левица.
Како дополнителен аргумент за политичка вмешаност, од партијата укажуваат на тоа што кандидатката, иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции, јавно му се заблагодарила за поддршката на лидерот на ВРЕДИ, Изет Меџити, уште пред формално да биде избрана. Според Левица, со тоа се нарушува секоја претстава за независност и непристрасност на идниот состав на Комисијата.
„Станува збор за класичен пример на институционално заробување, при што орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните се претвора во партиска испостава, исполнета со лојални, а не со компетентни кадри“, реагираат од партијата.
Левица ја повикува јавноста внимателно да го следи процесот и бара одговорност од ДПМНЕ, која, како што велат, со ваквото гласање ја легитимира партиската поделба на независните институции и ја продолжува праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола.

