Левица дава безрезервна поддршка за протестот на работниците: Плата за достоинствен живот – веднаш!

Партијата Левица изрази целосна и недвосмислена поддршка за утрешниот протест на работниците во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), потенцирајќи дека нивните барања за зголемување на платите се оправдани, легитимни и неопходни во услови на постојан раст на трошоците за живот.

Од Левица посочуваат дека речиси две години по доаѓањето на власт на ДПМНЕ, состојбата на работниците останува непроменета, а граѓаните и натаму едвај го поминуваат месецот со најниска минимална и просечна плата на Балканот. Според партијата, ваквата реалност е во целосна спротивност со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за економски раст и стабилност.

Во соопштението се упатува и остра критика кон владејачката коалиција ДПМНЕ–ЗНАМ–ВРЕДИ, која, според Левица, работи исклучиво во интерес на бизнис елитите, а не во корист на граѓаните. Од партијата порачуваат дека премиерот мора да избере дали ќе ѝ служи на крупниот капитал или ќе ја извршува својата функција во заштита на работниците и социјално ранливите категории.

Потсетуваат дека Левица минатата година поднела Предлог-закон со кој се предвидуваше зголемување на платите за најмалку 100 евра, со што минималната плата ќе достигнеше 500 евра. Овој предлог, како што наведуваат, бил експресно одбиен од владејачкото мнозинство, со што директно им било излезено во пресрет на интересите на бизнис секторот.

Левица апелира Владата конечно да ги слушне гласот и потребите на работниците и да преземе суштински мерки за подобрување на животниот стандард во земјава.

Може да ве интересира