Интервју на Слободен печат со Тони Димитров, директор на Културно-информативниот центар во Скопје: Целта секогаш е врвот

Минатата година Културно-информативниот центар во Скопје ја потврди својата улога како еден од клучните двигатели на современата културна сцена, со програма што беше истовремено квалитетна, храбра и разновидна, а со Тони Димитров ја откриваме формулата за таквиот развој на настаните.

КИЦ-Скопје во текот на 2025 година ги подигна стандардите во продукцијата на културни настани, иако градските институции од областа на културата се соочуваа со сложени финансиски, кадровски и системски проблеми. Директор на КИЦ-Скопје од 2022 година е Тони Димитров, кој по образование е магистер по комуникации и нови медиуми. Покрај солидната образовна и културолошка основа, сепак за реализацијата на обемната програма бил потребен и несебичен личен влог.

Минатата година реализиравте исклучително богата и разновидна програма во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. На што се должи успешната реализација?

– Успешната реализација на програмата се должи, пред сè, на сериозна континуирана и интензивна работа, јасна визија и добро познавање на културната сцена и нејзините потреби. КИЦ го презедов со јасен концепт и програмска визија, со цел институцијата повторно да стане видлив, активен и релевантен простор за културна продукција и презентација.

Клучно беше и тоа што програмата ја градевме во директна комуникација со уметниците и културните работници, имајќи реална слика за состојбата на сцената. Тоа овозможи КИЦ да функционира како отворена платформа, а не како затворена институција, што директно се одрази и врз интересот на публиката и квалитетот на реализираните настани.

Фокусот беше на современи содржини и активна комуникација со сцената, што, и покрај сериозните финансиски, кадровски и институционални ограничувања зад сцената, резултираше со богата, разновидна и видлива програма. Иако работевме во услови на постојана импровизација, секогаш имавме јасна ориентација кон квалитет, континуитет и јавна видливост. Преку внимателна селекција на содржините, јасна програмска логика и силен личен ангажман успеавме да го позиционираме КИЦ повторно како значаен културен простор во градот.

Каде го позициониравте КИЦ-Скопје на градската културна мапа?

– КИЦ-Скопје го позициониравме како еден од клучните чинители на културната сцена во градот, отворена, активна и релевантна институција што, и покрај сложените околности, успеа да задржи континуитет и видливост. Во контекст на општата ентропија на културната сцена, обележана со хронично кратење на буџетите, институции без кадар, нефункционален систем и тешки бирократски процедури, нашата цел беше КИЦ да остане жив простор за културна продукција и комуникација со публиката.

Паралелно со институционалните проблеми, евидентно е и генералното губење на интересот на публиката, што е директна последица на долгогодишното занемарување на културата како јавен интерес. Токму затоа инсистиравме на програмска разновидност, јасна концептуалност и поголема јавна присутност и промоција, со цел КИЦ да не биде изолиран објект, туку активен културен јазол во градот.

Во таков амбиент, позиционирањето на КИЦ како стабилен и препознатлив актер не беше резултат на комфорни услови, туку на континуирана работа, упорност и јасна визија за неговата улога во современата културна мапа на Скопје.

Како Јавна установа, КИЦ-Скопје има долга традиција во организацијата на настани од областа на културата. Со колкава екипа и во какви услови ја реализирате програмата?

– Иако КИЦ-Скопје има долга традиција и сериозна институционална меморија од шест декади, програмата во изминатите години ја реализиравме во исклучително тешки кадровски и организациски услови. Кога ја презедов институцијата, КИЦ имаше 19 вработени, а за нешто повеќе од три години таа бројка се преполови и денес функционираме со само девет вработени. Притоа, станува збор за дефицит токму на клучни системски позиции – сметководство, техничка поддршка, раководители на сектори, кустоси, лице за јавни набавки и административен кадар – без кои една културна институција не може нормално да функционира.

За жал, КИЦ не е изолиран случај. Постојат културни установи во државата кои се во уште полоша состојба и практично функционираат без основен кадар, што јасно ја покажува длабочината и системската природа на проблемот. На ова континуирано алармирав, но без суштински поместувања. Не беа прифатени ниту предлозите за прераспределба на кадар од други институции, ниту моделите на споделено користење на стручни служби.

Ситуацијата дополнително се усложнува со фактот дека институцијата нема сопствени редовни приходи со кои би можела флексибилно да ангажира кадар по договор на дело, бидејќи средствата што ги добиваме од Градот се исклучиво програмски. На тој начин институциите влегуваат во затворен круг и стануваат целосно зависни од одлуките на Министерството за финансии, кое по правило не одобрува нови вработувања, додека испразнетите работни места со текот на времето едноставно исчезнуваат.

Во такви услови, програмата се реализираше со постојана импровизација, зголемен личен ангажман и со сериозен притисок врз малобројниот преостанат тим. И покрај тоа, успеавме да одржиме континуитет, да реализираме обемна програма и да ја задржиме видливоста на КИЦ на градската културна мапа. Тоа најдобро говори за капацитетот и посветеноста на луѓето што останаа да ја носат институцијата, но истовремено и за неодржливоста на ваквиот модел на функционирање на долг рок.

Колку од настаните се дел од програмата на Центарот, а колку се надворешни проекти?

– Поголемиот дел од програмата е интерна и се финансира преку буџетот што КИЦ-Скопје го добива од Град Скопје. Дополнително, дел од содржините се проекти финансирани од Министерството за култура и туризам кои се реализираат во рамки на нашата институција, како и одреден број екстерни, самофинансирани проекти. Во секој случај, тежиштето на програмата останува на нашата интерна продукција.

Важно е да се нагласи дека и проектите финансирани од Министерството се внимателно селектирани, бидејќи и тие се дел од јавниот и програмскиот идентитет на КИЦ. За нас, секоја реализирана содржина претставува репрезент на Центарот и мора да биде усогласена со концептот, квалитетот и вредностите што ги застапуваме.

Кои проекти се иницијално создадени од КИЦ-Скопје?

– Во изминатиот период инициравме и развивме неколку проекти што произлегоа директно од КИЦ-Скопје, како институција, но и од реалните потреби на сцената. Летниот фестивал „Звукот на Скопје“ е целосно осмислен како наш авторски проект и претставува надградба и современо реосмислување на претходниот концепт „Звуците на чаршијата“.

„Културен амалгам“ е уште еден проект што произлезе од КИЦ, како интердисциплинарен и мултимедијален фестивал што поврзува различни уметнички практики, генерации и публика, со јасна намера за отворање на институцијата кон нови формати и соработки со сродни институции од внатрешноста т.е. децентрализација на културата.

Дополнително, го инициравме и градскиот културен информатор како обид да се врати и зајакне информативната улога на КИЦ, која е една од неговите основни дејности. Во рамките на европскиот проект „Cre Art 3.0“, КИЦ презеде активна улога во конципирањето и реализацијата на Европскиот месец на креативноста и програмата „Уметник во престој“, кои дополнително ја интернационализираа програмата и ја отворија институцијата кон европската културна мрежа.

Сите овие проекти имаат заедничка основа – се создадени од внатре, како одговор на реалните потреби на сцената, а не како формална програмска обврска, со цел КИЦ да биде активен продуцент на култура, а не само простор за реализација на туѓи содржини.

Како градска јавна установа буџетот за програмата го добивате од Град Скопје. Со колку средства располагавте минатите години и какви се плановите за годинава?

– Во изминатите неколку години Културно-информативниот центар функционираше со исклучително ограничен програмски буџет. Со околу два милиона денари годишно (за разлика од десетина милиони денари во минатото), институцијата реално можеше само да одржува минимум континуитет, но не и да развива достоинствена и поквалитетна програма. За оваа година е планирано зголемување на програмскиот буџет, практично двојно во однос на претходниот период. Иако тоа сè уште не е доволно за сериозен исчекор, во споредба со условите во кои работевме досега, претставува значително олеснување.

Важно е да се нагласи дека овие средства не се трошат за внатрешното функционирање на установата, туку, пред сè, за хонорарите на уметниците, музичарите, писателите и другите културни работници. Сметам дека е крајно недостоинствено на уметник што вложил илјадници евра во својата продукција да му се понуди симболичен хонорар, а притоа самиот да ги покрива трошоците за каталог, промоција и организација на настанот. Таквиот модел практично го принудува уметникот да опстојува преку паралелни, нерелевантни работи, што е спротивно на суштината на културното творештво.

Во контекст на фактот дека Скопје ја носи титулата Европски град на културата, ваквата состојба мора суштински да се промени. За да се реализира побогата, поквалитетна и навистина репрезентативна програма, потребни се значително поголеми и стабилни буџети. Финансискиот потенцијал постои, останува да се види како средствата ќе бидат распределени меѓу институциите и дали ќе се искористат стратешки и одговорно. Потенцијалот на оваа титула е огромен, но без соодветна поддршка, лесно може да остане неискористен.

Кој ќе биде програмскиот фокус за годинава?

– Програмата и во наредниот период ќе биде разновидна и ќе опфати ликовни изложби, музички концерти, промоции на книги и книжевни трибини, неколку театарски претстави, како и реализација на европскиот проект „Cre Art“, преку Европскиот месец на креативноста и програмата „Уметник во престој“ со нов гостин од некој европски град. Значајно место ќе има и летниот фестивал „Звукот на Скопје“, кој веќе се профилира како препознатлив сегмент од летната културна понуда на градот.

Во делот на изложбената програма, во изминатите неколку години посебен фокус ставаме на фотографијата и графиката, како помалку застапени, но исклучително актуелни и популарни уметнички техники, со што настојуваме да ја прошириме и освежиме визуелната понуда на КИЦ.

Сепак, конечната програмска рамка ќе се дефинира по распишувањето на интерните конкурси на КИЦ, како и по објавувањето на резултатите од годишната програма на Министерството за култура и туризам, врз основа на кои ќе се направи финалната селекција.

Самиот си дел од амбиенталната музичка сцена. Колку е важно раководителот на установата добро да ги познава состојбите на културната сцена?

– Познавањето на културната сцена е апсолутно неопходно за раководител на културна установа. Особено кога се работи во рудиментирани услови, менаџерските вештини и административните процедури се важни, но тие можат да се научат – правни процедури, сметки, набавки, се работи што вработените можат да ви ги пренесат и за кратко време се совладуваат.

Меѓутоа, познавањето на сцената, на уметниците и нивните потреби, не може да се научи од теорија. Тоа се учи само преку практично живеење и активно учество во културниот живот. Личното искуство на независната сцена претставува огромна предност, бидејќи работењето во такви услови ве подготвува да управувате со институција во сложени и често ограничени услови, со разбирање за реалните потреби на уметниците и публиката.

Покрај музиката, се занимаваш и со алпинизам. Со каков личен мотив се поврзуваш со овие две активности?

– Музиката и алпинизмот ги гледам како различни, но слично мотивирачки искуства – како постојано искачување кон врвот. Не само како физичко постигнување, туку како метафизичко искачување што секој ден ве учи и ве поттикнува да растете. За мене, алпинизмот и планинарењето не се спорт, туку филозофија на животот, начин да се постават цели, да се надминат пречки и да се цени секој чекор по патот. Целта секогаш е врвот.

Превземено од: Слободен Печат

Може да ве интересира