Преживеаните сведочат за хоророт во „Пулс“: Немаше кој да нè евакуира, сите се спасувавме сами

Сведоштвата на преживеаните од страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани откриваат сцени на целосен хаос, паника и отсуство на елементарна организација за евакуација. Тие раскажаа дека во моментите на трагедијата немало кој да ги упатува гостите, излезите не биле јасно означени, а секој се обидувал сам да се спаси. Потврдија и дека во дискотеката имало голем број малолетници, дека пиротехника се користела и претходно, како и дека, и покрај присуството на полиција, забавата не била прекината.

Во тензична атмосфера, која е продолжение на саботниот „Марш на ангелите“ и вознемиреноста предизвикана од потресните сведоштва, продолжи судскиот процес против 35 обвинети. Рочиштето започна со предупредување од судијката Диана Груевска-Илиевска до родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и да не дофрлаат, по јавните расправии меѓу нив и адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственикот на „Пулс“.

Адвокатката Коцевска побара, при следно нарушување на редот, јавноста да биде исклучена од судницата, додека судијката предупреди дека доколку продолжат инцидентите, семејствата ќе бидат отстранети од судењето, потенцирајќи дека „сите обвинети се сметаат за невини додека не се донесе правосилна судска пресуда“.

Тензијата меѓу адвокатката и родителите дополнително ескалира поради транспарентите носени на саботниот протест, на кои беше прикажана жена што наликува на Коцевска. Таа обвини дека нејзиниот лик е злоупотребен, додека родителите возвратија дека самата се препознала во пораката. На транспарентите беше прикажана фигура со куфери пари во светот на мртвите, покрај митска персонификација на смртта со пораката: „Пари овде не ти се потребни“.

Сведоштво што ја замрзна судницата

Во специјализираната судница во КПУ Идризово, потресно сведочеше младиот Кристијан Панов, кој ја преживеал трагедијата, но го загубил својот помал брат Андреј. Со скршен глас, тој ја раскажа ноќта која, како што рече, засекогаш му го променила животот.

Кристијан таа вечер бил повикан на испомош како келнер, без договор и без пријава, за дневница од 1.500 денари. Неговиот брат Андреј работел како шанкер, исто така без договор, за 2.000 денари.

Тој се обидел да се врати внатре во потрага по братот, но густината на чадот и масата тела на подот ја правеле потрагата речиси невозможна. „Имаше тела насекаде, никој не беше при свест. Ги тргав и го барав брат ми. Го препознав по тетоважите“, рече тој. Андреј бил изнесен во амбуланта, каде лекарите се бореле за неговиот живот, но безуспешно.

Малолетници, пиротехника и хаос

Кристијан сведочеше дека во дискотеката имало само еден влез и излез, дека биле присутни многу малолетници, а пиротехника се користела и во други прилики. Тој посочи дека билети им продавал братот на сопственикот, Тодор Јованов, и дека полицијата знаела за присуството на малолетници.

Слично сведочење даде и Иван Данаилов, кој таа вечер дошол на роденден. Тој изјави дека купил билет од шалтерот, без да добие фискална сметка, а лична карта не му била побарана.

Во стампедото, тој паднал на скалите и останал заглавен под толпата. „Се најдов најдолу, под сите. Нозете ми беа приклештени. Во последен момент ме извлече Столе од обезбедувањето. Му должам живот“, сведочеше тој.

„Сцените надвор беа траорни“

И други сведоци опишаа сцени на целосен хаос и очај. Тоше Трендафилов, со видливи изгореници по телото, раскажа дека бил турнат и газен во стампедото.

Преживеаните посочија дека дел од полицајците стоеле пред дискотеката без да интервенираат, додека повредените очајно барале помош.

Судењето продолжува со сослушување на нови сведоци, додека јавноста со внимание го следи процесот, очекувајќи целосно расветлување на трагедијата што ја потресе Македонија.