„Не сме туристи, ни мигратни“: Камионџиите го блокираа регионот – стоп за товарен сообраќај на сите граници

Сите десет гранични премини во Македонија од денеска напладне се блокирани за товарен сообраќај, како дел од регионалниот протест на превозниците од Западен Балкан против новиот електронски систем за евиденција на престојот во Европската унија. Протестот се одвива истовремено и во Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора, со што е прекинат клучниот транспортен коридор во регионот.

Дозволен е само премин за патнички возила, автобуси, како и за транспорт на лекови, медицински материјали, жива стока, експлозив и муниција. Сѐ друго останува блокирано, а камионите се паркирани пред граничните премини како знак на револт поради, како што велат превозниците, дискриминаторскиот третман од страна на Европската унија.

ПРОТЕСТ СО РЕГИОНАЛЕН КАРАКТЕР

Превозниците реагираат на најавеното стапување во сила на електронскиот систем ЕЕС (Entry/Exit System), кој од 10 април ќе го евидентира времето на престој на сите државјани надвор од ЕУ во Шенген зоната. Според правилото, секое лице ќе може да престојува најмногу 90 дена во период од 180 дена, што за професионалните возачи, според нив, значи директна забрана за работа.

„Професионалниот возач не е турист, ниту мигрант. Тој е работник кој извршува секојдневна дејност и обезбедува непречено снабдување на европските пазари“, изјави Билјана Муратовска од здружението „Макамтранс“.

Таа појасни дека блокадата е предупредувачки сигнал за можните последици доколку регулативата не се измени, нагласувајќи дека синџирот на снабдување може сериозно да биде нарушен.

„ЌЕ СТОЈАТ МИЛИОНИ ТОНИ СТОКА“

Муратовска истакна дека протестот не е насочен кон нанесување штета на стопанството, туку кон подигање на свеста за последиците.

„Ако се запре транспортот, над еден милион тони стока ќе останат блокирани. Тоа ќе го почувствуваат сите – од производителите, преку трговците, до граѓаните“, рече таа, додавајќи дека превозниците имаат поддршка и од турските колеги, кои нема да користат алтернативни рути, туку ќе чекаат на границите.

Таа предупреди дека доколку не се изнајде решение, од април камионите ќе мируваат затоа што возачите нема да смеат да возат.

ПОДДРШКА ОД ВЛАДАТА

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска беше на граничниот премин Блаце, каде им даде поддршка на превозниците.

Тој изјави дека постојат три можни решенија: одложување на примената на системот, зголемување на дозволениот број денови на престој на најмалку 250 годишно или целосно исклучување на професионалните возачи од правилото, со третман како работници, а не како туристи.

„Во спротивно, ќе има сериозни последици за македонската, регионалната и европската економија. Коридорот 10 е економски крвоток на целиот регион“, предупреди Николоски.

БЛОКАДИ И ВО СРБИЈА, БиХ И ЦРНА ГОРА

Протести со целосни или делумни блокади се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде товарниот сообраќај е запрен на десетици гранични премини.

Во БиХ, главниот координатор на Конзорциумот „Логистика БиХ“, Велибор Пеулиќ, предупреди дека земјата може да изгуби до две третини од транспортниот капацитет, што директно ќе го погоди стопанството.

КОИ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ СЕ БЛОКИРАНИ ВО МАКЕДОНИЈА?

Блокирани се граничните премини:
Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.

Блокадата за излез започна денеска во 12 часот, а за влез во 24 часот. Протестот може да трае еден ден доколку има позитивен одговор од ЕУ, а доколку не – најавено е продолжување до седум дена.

ПОРАКА ДО БРИСЕЛ

Превозниците испраќаат јасна порака: доколку Европската унија не направи исклучок за професионалните возачи, ќе се соочи со сериозни нарушувања на синџирот на снабдување и економски последици во целиот регион.