На седница на Советот на Општина Кавадарци се случи необична и отворена размена на ставови меѓу советникот од Левица, Круме Богевски и градоначалникот Митко Јанчев, при што јавно беше отворено прашањето за идното политичко наследство во општината.
Советникот Богевски, реагирајќи на понуда за ангажман во извршната власт, истакна дека нема амбиции за директорска функција додека Јанчев е градоначалник, потенцирајќи дека е подготвен за власт, но не и за позиција што подразбира зависност и задолжување. Тој додаде дека ќе биде активен и целосно вклучен во моментот кога ќе дојде до промена на градоначалничката функција, нагласувајќи дека често токму она што денес се исмејува, утре станува реалност.
„Ќе бидам активен во властта кога ќе те заменам тебе“, изјави Богевски од говорницата, што предизвика реакции и насмевки во салата.
На тоа градоначалникот Митко Јанчев одговори директно и без двоумење. Тој јавно изјави дека доколку Богевски го замени како градоначалник, ќе има апсолутна поддршка од него – и како човек, и преку сите деловни и лични релации што ги има.
„Ќе бидеш максимално поддржан од мене, и како човек, и како компанија, и со сите мои релации“, рече Јанчев, додавајќи дека поддршката би била целосна.
Во завршниот збор, Богевски истакна дека барем во однос на соработката во наредните три години, работите се расчистени, а што ќе следува потоа – ќе покаже времето.
Оваа размена на ставови отвори сериозни политички прашања за иднината на локалната власт во Кавадарци и јавно го наметна прашањето кој ќе биде следниот градоначалник, но и какви сојузи и поддршки се кројат уште сега.

