Трендафилов: Наместо плати – раководството на Македонска пошта лиферува лаги и манипулации

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, реагираше по повод соопштението на раководството на Македонска пошта, кое штрајкот на вработените го оцени како тенденциозен, несериозен и политички мотивиран, тврдејќи дека платата за сите вработени е веќе обезбедена.

Трендафилов истакнува дека, и покрај ваквите тврдења, платата на повеќе од 1.700 вработени во Македонска пошта сè уште не е исплатена, поради што исто толку семејства останале без приходи токму во пресрет на најголемите празници.

Тој нагласи дека ССМ цврсто застанува зад работниците и синдикатите во нивната борба за навремена исплата на платите, потенцирајќи дека денешниот протест бил заеднички организиран од трите синдикати во Пошта.

Од ССМ порачуваат дека ќе продолжат со синдикалната борба сè додека на вработените не им биде исплатена нивната заслужена плата, оценувајќи дека ваквиот однос на раководството претставува грубо кршење на основните работнички права.