Со комеморативен собир пред старата полициска станица во Теарце, денеска беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски, кој го загуби животот при ракетниот напад врз полициската станица извршен од терористите од т.н. ОНА во 2001 година.
На овој ден пред 25 години, полициската станица во Теарце беше цел на напад со ракетен фрлач, при што од експлозијата на проектилот загина полицаецот Момир Стојановски, а тројца негови колеги беа повредени. Настанот се смета за еден од првите тешки инциденти што ја најавија вооружената криза во земјава во 2001 година.
На комеморацијата цвеќе пред спомен-плочата со името на загинатиот положија претставници на Одборот на бранители, Министерството за внатрешни работи и политички партии.
„После 25 години, ние бранителите се сеќаваме на терористичкиот напад на полициската станица во Теарце, во кој животот го загуби полицискиот службеник Момир Санде Стојановски од село Дубровница, Крива Паланка, а беа повредени уште тројца полицајци. Овој настан беше најава на војната во 2001 година и е длабоко врежан во нашата колективна свест. Затоа денес сме тука да му оддадеме почит“, изјави Марин Најдов од Одборот на бранителите на Македонија.
Од собирот беше упатен апел до Министерството за внатрешни работи да ја разгледа иницијативата поднесена уште во 2011 година, со која се бара спомен-плочата во чест на загинатиот полицаец да биде поставена во новата зграда на полициската станица во Теарце.
Како што беше посочено, старата полициска станица, каде што традиционално се одржуваат комеморациите, денес се наоѓа на приватен имот кој се користи како отпад за автомобили, без никакви услови за достоинствено одбележување.
Присутните порачаа дека достоинственото чествување на загинатите припадници на безбедносните сили е обврска на институциите и траен долг кон нивната жртва.
Извор: СДК.МК

