Левица: Со демантот за октоподот ДКСК индиректно призна дека работи за власта

Опозициската партија Левица реагираше на, како што го нарекуваат, т.н. демант на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи дека со него институцијата индиректно признала дека функционира во интерес на власта.

Според Левица, наместо да ги побие нивните наводи, ДКСК со самото признание дека во архивата било ангажирано лице со договор за дело, поврзано со партиски блиски медиумски и универзитетски кругови, како и дека институцијата работела со сериозни внатрешни слабости, всушност ги потврдува обвинувањата за политичко влијание.

„Со ниту еден збор не се демантира суштината – дека во мандатот на Владата на ДПМНЕ, ДКСК не излезе со ниту еден цврст, храбар и принципиелен став за бројни случаи на непотизам, судир на интереси, незаконски именувања, сомнителни дипломи, тендерски мрежи и партиски колонизации на институциите“, се наведува во соопштението.

Од партијата посочуваат дека Комисијата често се прогласувала за ненадлежна, ги отфрлала пријавите или ги одложувала предметите, како во случајот со незаконски именуваниот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, за кој, како што тврдат, повеќе од една година нема никаков исход.

Дополнително, Левица обвинува дека ДКСК не реагира ниту на очигледните случаи на неточни и нецелосни анкетни листови поднесени од функционери од власта, со прикриени или искривени податоци за имотната состојба. Според нив, и покрај тоа што биле доставени конкретни докази, Комисијата не презела мерки, ниту наложила корекции, со што, како што велат, директно се поткопува транспарентноста.

„Фактот што Владата секојдневно продуцира афери, а ДКСК молчи или релативизира, е најсилниот доказ за тоа на чија страна стои оваа институција“, наведуваат од Левица, додавајќи дека Комисијата функционира во полза на владејачката коалиција ДПМНЕ–ВРЕДИ–ЗНАМ.

На крајот, од Левица најавуваат дека ќе продолжат јавно да објавуваат информации за, како што велат, состојбите во ДКСК и улогата на поединци, меѓу кои и членката Цвета Ристовска, нагласувајќи дека постојаниот јавен притисок е единствениот начин институцијата да почне да работи во интерес на граѓаните.

Може да ве интересира